Пропадна тендерот за Универзална сала, има жалба за изведувачот
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска информираше дека пропаднал тендерот за обнова на изгорената и уништена Универзална сала, а причината за пропаѓањето на јавната набавка, како што кажа министерот се поднесените жалби и поплаки во однос на изведувачот.
Препорачано
„Минатата недела добивме известување од Комисијата за жалби дека тендерот за Универзална сала не помина бидејќи имаше одредена жалба и поплака во однос на изведувачот, единствениот кој беше. Според мене, не е суштински проблемот, но како и да е, има известување од Комисијата за жалби. Ова реално ќе ја одолговлечи работата за уште некои два месеца оти постапката сега ќе трае малку пократко, бидејќи онаа фаза во која го изработувавме тендерот траеше 15 до 20 дена, а кон таа фаза нема забелешки“, рече тој.
Министерот додаде дека новиот тендер ќе биде распишан веднаш кога ќе поминат 10 дена од добивањето на Жалбата, односно дека следната недела ќе биде повторен тендерот, кој ќе трае 30 дена.
„Следната недела ќе го повториме тендерот, ќе трае 30 дена и се надевам дека до средината на јануари ќе го имамне новиот изведувач“, рече Љутков.
За реконструкцијата на Универзална сала се одвоени вкупно 20 милиони евра, распределени во три години. За 2025 се наменети 15,9 милиони денари, потоа за 2026 се предвидени 360 милиони денари и за 2027 година 450 милиони денари.
Универзална сала крунисана со нова купола, во тек е јавна набавка за изведба на втората фаза
Како што претходно најави министерот, салата треба да биде готова до крајот на 2027 и со тоа ќе биде во функција за проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028“


