Илиевски се враќа на клупата: Коронавирусот не е шега, но време е за Вардар

фото: фејсбук/комити

Никола Илиевски Џиџи се избори со коронавирусот и иако не е сто отсто закрепнат, се враќа на клупата на Вардар и најави дека ќе го предводи во мечот со Силекс в недела.

Вардар е во незавидна ситуација, близу е до дното на табелата по серијата лоши резултати во Првата МФЛ и му се заканува испаѓање. Но, добра вест е дека на клупата се враќа тренерот Никола Илиевски Џиџи, кој беше отсутен одредено време поради коронавирусот, болест од којашто моментно заздравува.
На Илиевски му беше дијагностициран ковид-19 кон средината на март, а набргу потоа беше префрлен во болница, каде состојбата му се подобри и потоа беше пуштен. Завчера присуствуваше на тренингот на Вардар.

Иако, како што самиот вели не е сто отсто закрепнат и се уште е под терапија, Илиевски им се враќа на обврските. Самиот ни најави дека ќе го води Вардар на гостувањето кај Силекс, во дербито на дното. Во битката за опстанок секој бод им е важен на обата клуба.

– Се уште не е помината болеста. Се уште имам последници и проблеми. Под терапија сум. Меѓутоа очекувам дека наскоро ќе биде подобро. Веќе почнав да одам на тренинзи, се видов со играчите и со стручниот штаб, се вклучувам потполно во работата околку водењето на Вардар – изјави Илиевски, кој опишува дека му било тешко боледувањето.

– Коронавирусот сигурно не е наивна болест. Тоа е сериозна работа. Треба да се почитуваат сите препораки кои ги слушаме секојдневно, носење маска, одржување дистанца и се она што ни велат стручните лица. Се уверив на сопствена кожа дека тоа не е така едноставно, како што можеби слушаме од некои, дека тоа не е ништо сериозно и слично. Но, коронавирусот е многу сериозна болест и треба сите граѓани да водат сметки за себе и за другите, да го почитуваат мерките, а со тоа да и се спротивставиме на пандемијата – вели Илиевски, кој се враќа на работата.

Имам намера да го водам Вардар на мечот со Силекс. Сигурно дека екипата е во многу незавидна ситуација. Но што е тука е. Жалопојки не се препорачливи. Ќе се обидеме да извлечеме најдобро за Вардар. Во фудбалот се е можно. Познато е, неискуството на екипата и заминувањето на многу играчи се одрази на бодовното салдо и на квалитетот на играта. Но сите тие млади играчи сега имаат шанса да го носат дресот на Вардар, да дадат се од себе. Не е лесен дресот на Вардар, а не е лесно и да се добие тој дрес – вели Џиџи кој на клупата на Вардар дојде на стартот на пролетниот дел да помогне во борбата за опстанок.

Силекс е на претпоследното место на табелата, а Вардар е на само едно место погоре со еден бод повеќе и на обата тима и се заканува испаѓање од Првата лига. Во пролетниот дел Вардар има пет порази и два реми-меча, а Силекс има една победа, едно реми и пет порази.

Прва МФЛ, 26 коло, сабота: Работички – Пелистер. Недела: Борец – Струга Трим Лум, Беласица – Македонија ЃП, Академија Пандев – Шкупи, Ренова – Шкендија, Силекс – Вардар. Табела: Шкендија 56, Шкупи 46, Македонија ЃП 41, Струга Трим Лум 37, Работнички 36, Борец 33, Пелистер 32, Академија Пандев 31, Ренова 27, Вардар 27, Силекс 26, Беласица 14.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот