Гаврил Бубевски / Фото: Телма

Идната недела ќе се бира нов шеф на Скопското обвинителство – кои обвинители се пријавени?

Советот на јавни обвинители за на 20 јануари закажа седница, на која на дневен ред е избор на раководител на Основното јавно обвинителство Скопје, бидејќи на 18 јануари му истекува мандатот на актуелниот шеф, Гаврил Бубевски кој беше избран во 2022 година.

Оваа точка е трета на дневниот ред, а за функцијата се пријавени пет кандидати, меѓу кои и самиот Бубевски, кој во изминатиот период беше мета на критики и навреди од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Останатите кандидати се обвинители со работно искуство од шест до 20 години.

За оваа позиција се пријавила обвинителката Тања Трајчевска, која има над 12 години работно искуство. Од јавно експонираните случаи, таа го водеше предметот за убиството на хрватскиот државјанин Денис Тот, кој беше смртно претепан пред дискотека во Скопје.

По Трајчевска, на листата е обвинителот Анел Фидоски со 11 години работно искуство, како и обвинителот Дејан Петрески. Петрески има најмалку работно искуство – шест години, но е познат во јавноста по случајот со грабнувањето на младиот Самоил, а беше и еден од обвинителите кои ја водеа истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица што се лекуваа од ковид-19. Петрески кратко време беше дел и од истрагата за кочанската трагедија, а беше и обвинител поврзан со иницијативи за заштита и безбедност на новинарите.

Најмногу стаж меѓу кандидатите – 20 години – има обвинителката Спасенка Андонова.

Освен оваа точка, на дневен ред е и изборот на шеф на тетовското обвинителство, а за ова место е пријавен само актуелниот раководител Бесир Алиу.

Претседателот на Советот, Башким Бесими, не одговори на нашето прашање дали под точката „разно“ или на која седница ќе се разгледува известувањето на обвинителката Ленче Ристоска за навредите од премиерот Христијан Мицкоски.

Бесими првично за „Слободен печат“ изјави дека ќе формираат Комисија и ќе постапуваат по известувањето, а подоцна рече дека најпрво ќе утврдуваат дали има основа за постапување, иако според Правилникот за начинот на водење постапка за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, Советот има обврска да постапува по ваквите известувања.

ВИДЕО | Мицкоски вели дека Македонците веќе не се пронаоѓаат на Западот, тој бил „левичарско-прелиберална“ средина

Скопското обвинителство е најголемото обвинителство во земјава и ги води најобемните и најзначајни кривични постапки. Мандатот на Бубевски истекува во период кога републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка, пред да биде разрешен од власта.

На негово место е именувана в.д. јавна обвинителка Анита Тополова Исајловска.

 

Цветановски, Биковски, Топалова-Исајловска – имиња кои се споменуваат за наследник на Коцевски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот