И Владата ќе ја пресметува минималната потрошувчка кошничка
Од 1 јануари, освен синдикатите, минималната потрошувчка кошничка ќе ја пресметува и Владата. Ова го најави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој појасни дека кошничката ќе биде за најмалку четиричлено семејство.
Препорачано
-Една од точките ќе биде секако пресметувањето на просечната потрошувачка кошничка, којашто беше дадена на увид на синдикатите и работодавците да ја видат, доколку ја одобрат. Од 1 јануари ќе се пресметува покрај синдикална минимална кошничка, ќе имаме и просечна потрошувачка кошничка на ниво на Република Македонија, која нас ќе ни користи како економија и Влада за понатамошни стратегии во економските политики и секако за зачувување на животниот стандард – вели Ристески.
Прашан кои параметри ќе бидат земени при пресметката на новата просечна потрошувачка кошничка, Ристески истакна дека ќе се земаат цените од најголемите супермаркети.
-Ќе бидат земени параметри од најголемите маркети во Македонија, ќе бидат земени параметри од страна на основните прехранбени производи, за се она што е потребно за еден просечен живот, за едно просечно македонско семејство. Исто така ќе бидат земени и од различни региони и најчесто овошјето и зеленчукот ќе биде земен она коешто е карактеристично за периодот, кога се пресметува во текот на годината – додаде тој.
Тој вели дека ова нема да биде единствена кошничка, која ќе се пресметува за првпат од официјална институција.
-Понатаму сметаме да се пресметуваат и други кошнички како што е за двочлено, тричлено семејство, бидејќи оваа просечна ќе биде за најмалку за четиричлено семејство, потоа за пензионери итн. Тоа се понатаму ставови, коишто треба да ги разговараме и договараме во рамките на Економско-социјалниот совет – вели Ристески.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) првпат ја претстави синдикалната минимална кошница во 2011 година. Според ставовите на ССМ, тоа е пореален модел на пресметување на трошоците на живот.
Во изработката на кошницата се поаѓа од вредноста на потрошувачката кошница што ја изработува Државниот завод за статистика. Вредноста на статистичката кошница, која вклучува 63 производи. Меѓутоа, како што велат од ССМ, исхраната и пијалоците не се единствениот трошок за нормално функционирање на едно семејство.
Типот на претпоставеното домаќинство е четиричлено семејство, кое живее во дом од 50 метри квадратни и не поседува автомобил. Синдикалната минимална кошница вклучува седум групи: исхрана и пијалоци, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура, одржување и здравје.
– Првата група трошоци е преземена од Државниот завод за статистика, затоа што оние 63 производи, иако не ги изразуваат целосните потреби за исхрана, ги изразуваат можностите, навиките и традицијата во исхраната. Таа вредност во ССМ не се зема како просечна, туку како минимална вредност. Домувањето има две подгрупи: комунални трошоци, со пет елементи, и покуќнина, опрема за куќа и одржување, што ќе се следи преку 13 добра. Хигиената има две подгрупи – личната хигиена со седум производи и хигиената на домот, исто со седум производи – велат од Синдикатот.


