Акциска продажба/ Фото: Слободен печат- Драган Митрески

И тоа го има во Македонија: Цена на производ на акција во еден маркет е повисока од редовната цена во друга продавница

Големи разлики во цените на еден ист производ во маркетите во Македонија. Дел од трговците се задоволуваат со помали маржи, но на други апетитите им се многу големи. Разликите во цените се огромни, за еден ист производ во два различни маркети има разлика и до 50 проценти. Но има и апсурди. Ако прошетате по маркетите и направите анализа на цените на одреден производ кој е на акција во еден маркет, може да видите дека тој е поскап од редовната цена во друга продавница.

„Слободен печат“ направи споредба на неколку производи каде што разликите во цени се најголеми. Резултатите се зачудувачки, а разликите во цени надминуваат педесет проценти. Така грчки јогурт во една продавница кој е на летокот на маркетот со цена од 155 денари, по редовна цена во друг маркет чини 154 денари. Путер од познат производител во еден маркет е на акциска продажба и има цена од 219 денари, а истиот тој во друг маркет се продава по иста редовна цена. Чоколаден додаток за млеко на акција е во два маркети. Во едниот чини 88 денари, а во другиот цели 147 денари. Кај детергентите за миење садови разликата е огромна и скоро двојна во два различни маркети. Така во еден чини 999 денари по редовна цена, на акција се наоѓа за 1.090 денари во два ланци на маркети, а во трета продавница ќе треба да го платите цели 1.698 денари.

Најголема разлика има кај балсам за коса каде разликата на цена е цели 68 отсто. Цената се движи од 118 денари, до 366 денари. Чоколадите со иста грамажа се поскапи за 30 отсто од продавница до продавница, кашкавалите за 20 до 30 отсто, но има и такви артикли за кои цената е иста секаде. Тоа се најчесто паштети и други конзервирани производи.

Измама на потрошувачи

Од Организацијата на потрошувачи велат дека маркетите секојдневно се должни да ги објавуваат цените онлајн, но дека е видлива разликата во маржи.

-Потрошувачите веќе знаат каде е поевтино и таму одат да пазарат. Има огромна разлика во цените за еден ист производ на две продажни места. Можно е да се манипулира со потрошувачите, што значи нечесно пазарно однесување според Законот за заштита на потрошувачи. Останува надлежните да ги исконтролираат и да утврдат дали навистина станува збор за акциска продажба – вели Маријана Лончар, претседател на ОПМ.

Потрошувачите кои сакаат да заштедат, треба да ги следат цените во различни продавници и да ги искористат попустите и акциите кои се нудат. Но треба и да проверуваат дали акцијата е навистина акција, која била цената пред намалувањето и да направат споредба со другите маркети.

-Повозрасните потрошувачи имаат повеќе време, но и навика да ги бараат поевтините цени. Новите генерации немаат време, ниту пак навика и најчесто им веруваат на продавачите – велат во ОПМ.

Кој ги контролира маржите?

Во Македонија нема законско ограничување на маржата, а контролата на цените на производите се врши од страна на Државниот пазарен инспекторат кој има улога во следењето на пазарот, вклучувајќи ги цените и маржите на производите. Оваа институција работи согласно Законот за трговија, Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за заштита на правата на потрошувачите. Контролираат дали трговците применуваат фер трговски практики, дали има неприфатливи маржи, како и дали има манипулирање со цените (на пр. прекумерни ценовни зголемувања) или нарушување на конкуренцијата.

Во случај на злоупотреба на пазарната моќ или нарушување на правата на потрошувачите, постојат механизми за пријавување и санкционирање, кои се контролираат од надлежните органи.

Разликите во цените помеѓу различни маркети во Македонија се често тема на јавни дискусии и критики, како од страна на потрошувачите, така и од страна на стручната јавност и медиумите. Во последните години, разликите во цените на истите или слични производи меѓу различни маркети се огромни. На социјалните мрежи и форуми, многу корисници ги делат своите искуства со високите цени на производите, и коментираат за нерамномерните цени во различни маркети.

Зошто варираат цените од еден до друг маркет?

Економските експерти велат дека има голем број фактори поради кои се јавува разлика во цената. Цените можат да варираат во зависност од локацијата на маркетот. На пример, маркети во поголемите градови може да имаат повисоки цени поради повисоки трошоци за изнајмување и логистика.

Разликата во попустите и промоциите се јавува поради различната маржа, но и трошоци на продавачот. Некои маркети нудат акции и попусти кои ја намалуваат цената на производите во одреден период, додека други немаат слични промоции. Додека некои разлики се оправдани, други се неприфатливи, што ги прави цените на производите тема на континуирани дискусии и критики.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот