И нотарите не ги прифаќаат австриските критики

Нотарската комора на Република Северна Македонија соопшти дека „по прибирањето релевантни информации од аспект на нотарското постапување, во целост ги демантира и не се согласува со изнесените реакции насочени против нотари, поврзани со објавата и реакциите на Австриската амбасада за вклученост на нотари и злоупотреба на службената положба и овластување“ во трговскиот спор меѓу македонската фирма ДЕНА ПРОДУКТ увоз извоз Велес и австриската фирма АММА импорт експорт.

Австрискиот амбасадор Георг Вуцас, вчера во отворено писмо до медиумите насловено „Што ќе надвладее? Владеење на правотот и заштита на австриски инвестиции во Северна Македонија или криминални договори за заробување на судството и правните службеници“ обвини дека валандовска компанија за корнишони во сопственост на братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев, со месеци, преку судски, обвинителски, нотарски и извршителски манипулации, со месеци избегнува да плати долг од 4.5 милиони евра кон австриска компанија. Вуцас повика „да се отстранат сите неспособни и пристрасни судии и обвинители во овие случаи“.

Од Комората наведуваат дека нотарите се лица со јавни овластувања доверени од државата, чија дејност се извршува во неспорни работи, што значи дека во ниеден случај нотарите не можат да бидат вклучени и да преземаат дејствија во било какви спорови, а најмалку во трговски спор.

– Според податоците од решението за определување на привремена мерка донесено од надлежен суд, недвосмилено е дека ниеден нотар во државата не составил ниту заверил нотарска исправа со која е осуетено или повредено било какво право на австриската фирма. Во конкретниот случај станува збор за недвижност, па доколку надлежен суд издал правосилна привремена мерка за обезбедување на побарување поврзано со таа недвижност, истата судот по службена должност треба да ја спроведе со доставување до Агенцијата за катастар на недвижности заради прибележување во јавните книги во кои се запишуваат правата на недвижностите, како и до соодветните регистри во кои се запишуваат права на подвижни предмети, до носителите на платен промет и до Централен депозитар за хартии од вредност, се наведува во соопштението.

Нотарот би сторил повреда и може да се повикува на одговорност само доколку спротивно на запишаната забрана за располагање, дозволи склучување на правно дело во форма на нотарска исправа (нотарски акт или солемнизација на приватна исправа), а која ќе се однесува на недвижноста за која постои забрана, велат од Комората.

– Фактот што нотар издал правосилно и извршно решение за нотарски платен налог, нема никаква поврзаност со недвижноста и со забраната за нејзино отуѓување, од причини што „Нотарски платен налог“ претставува решение на нотарот со кое, врз основа на веродостојна исправа, му се налага на должникот да исплати некое доспеано парично побарување. Нотарскиот платен налог е инструмент за вонсудско намирување на парични побарувањата и тој му овозможува на доверителот, по правосилност и извршност на истото, доколку доброволно не биде исполнето, да побара присилна наплата преку надлежен извршител. Што значи станува збор за постапка која се води за доспеани парични побарувања и е сосема различна и независна од постапката за составување на нотарска исправа за недвижен и друг имот, велат од Нотарската комора.

Австрија бара да се сменат судии и обвинители во случај со фирма поврзана со братучетка на Заев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот