„И јас гласав различно од партијата“: Кастриот Реџепи очекува вмровци да ги поддржат уставните измени

Кастриот Реџепи / Фото: Драган Митрески

Независниот пратеник Кастриот Реџепи, кој беше исклучен од Беса откако пред точно една година ја спаси владата на СДСМ и ДУИ, отсуствувајќи од собраниската седница за гласање доверба, во интервју за неделникот „Фокус“ вели дека двотретинското мнозинство, неопходно за внесување на Бугарите во Уставот, ќе се постигне во овој парламентарен состав.

-Верувам во тоа зашто самиот сум гласал против позицијата на политичката партија, иако немаше одлука на органите. Гласав различно од партијата. Исто така, мислам дека секогаш ќе има совесни пратеници да го искористат уставно загарантираното право да гласаат по сопствено убедување, иако не би било во линија со партијата – вели Реџепи.

За двотретинско мнозинство ќе биде потребна поддршката на осуммина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и нејзината коалиција. Сите пратеници од таа коалиција со нотарски изјави се обврзаа дека нема да гласаат да се измени Уставот со внесувањето на Бугарите.

За Реџепи, ова нема никакво значење – ниту во правна, ниту во политичка смисла.

-Сметам дека тоа е бламажа. Тоа нема правна сила. Не се работи овде за заем или не знам што. Политичката волја или позиција не е нешто апсолутно што никогаш не се менува. Врз основа на околностите може да се промени. И од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се за зачленување во ЕУ, па зошто би блокирале еден процес кој би помогнал да се оди напред? – посочува тој.

Воедно, тој додава дека се менува реториката на Христијан Мицкоски и дека неговата позиција еволуира. Ова, според Реџепи, овозможува да се менуваат и размислувањата на пратениците. Тој вели дека е против какви било пазарења.

-Ние, како општество и демократија треба да одиме напред, да достигнеме ниво еден пратеник за одредени прашања да одлучи според убедувањата и да не биде анатемисан од својата партија како црна овца и да стане мета на јавен линч. Знам дека сме далеку од тоа, но сега со уставните промени сакам да се направи уште еден чекор. Јас еден чекор направив лани, претходно направија 8 пратеници и така ја развиваме демократија – нагласи пратеникот.

Целото интервју може да се прочита во го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот