Хрватска болница со фасцинантни резултати во третманот на најтешките форми на рак

болница хрватска
Фото: Принтскрин / radiochirurgiazagreb

Кога часовникот ќе отчука 8 часот, советот во специјалната болница „Радиохирургија Загреб“ започнува со работа. На масата седат истакнати хирурзи, онколози, физичари, радио-онколози, сите луѓе кои постигнале извонредни достигнувања во својата професија, пишува „Слободна Далмација“.

Меѓу нив се проф. д-р сц. Леонардо Патрљ, д-р специјалист хирург, субспецијалист по дигестивна и онколошка хирургија, член на Американската академија за хирургија, проф. д-р сц. Јосип Паладино, еден од најистакнатите хрватски неврохирурзи и проф. д-р сц. Игор Николиќ, специјалист хирург, субспецијалист по торакална хирургија, кој има повеќе од 5.500 операции зад себе.

Тие ги имаат наодите на пациентите со рак во свои раце и треба да се согласат и да изберат третман што ќе биде најдобар за пациентот. Тие добиваат 20 до 25 нови случаи дневно за кои го даваат своето мислење. Тоа се повеќе од 5.000 пациенти годишно кои ја ставаат својата судбина во рацете на овие луѓе.

Не им се обраќаат без причина. Оваа болница во Света Недела, е горда на своите резултати, кои се мерат и од најдобрите светски здравствени институции кога станува збор за продолжување на животот на пациентите. Клучен сојузник во борбата против ракот е системот „Edge“, радиохируршка направа која со помош на концентрирано фотонско зрачење ги уништува метастазите во телото. Без сечење и без крв, а во некои случаи и нема потреба од хемотерапија. Во моментов, во рамките на оваа приватна болница се подготвува имплементација на уште еден револуционерен радиохируршки уред – „CyberKnife“, што ќе помогне уште повеќе во борбата против ракот. Оваа институција, за само пет години од нејзиното основање стана регионален лидер во дијагнозата и лекувањето на оваа тешка болест.

Посебна гранка на медицината

Проф. д-р сц. Драган Шварц е специјалист хирург, субспецијалист за дигестивна и онколошка хирургија, член на Американската академија за хирургија и е директор на специјалната болница „Радиохирургија Загреб“. Неговата медицинска кариера започнала за време на војната, каде работел како хирург во болницата Др. фра Мато Николиќ во Нова Била во Босна. Потоа се посветил на абдоминална хирургија и еден посебен аспект на медицината што подоцна во голема мера ќе го одбележи неговиот живот. Имено, тој специјализирал во областа на примена на висока технологија во медицината, а желбата за учење го довела до радиохирургија. Тоа е специјална гранка на медицината во која со помош на најсовремена технологија се отстрануваат и третираат туморите. Во пракса, ова значи дека операцијата се одвива без нож, без крв и без анестезија. По операцијата, пациентот нема конци и не прима антибиотици, така што неговиот имунитет не опаѓа. Надворешното ткиво не се оштетува, туку се третираат само клетките на ракот без да се загрозат другите органи во телото. Едноставно кажано, пациентот по третманот не мора да остане во болница и може да продолжи нормално со својот живот.

Радиохирургијата како метод се користи во Хрватска веќе 15 години и тоа во Универзитетскиот болнички центар Загреб, каде што неврохирурзите, со помош на т.н. гама ножеви оперираат метастази во мозокот. Сега во Света Недела, оваа техника се користи за лекување на тумори и метастази и на други органи, како што се белите дробови, простатата, црниот дроб или панкреасот.

„Ја сакам технологијата и го барам најсигурниот начин за лекување на моите пациенти, без разлика дали станува збор за радиохирургија или класична хирургија“, одговара д-р Шварц на прашањето зошто одлучил да отвори сопствена болница.

За да го реализира својот план, тој во работата на болницата го имплементирал уредот „Edge“, кој во тоа време чинел неверојатни 10 милиони евра. Тоа бил првиот таков уред во Југоисточна Европа што им отвори можност на пациентите со рак за радиохируршки третмани во Хрватска.

Враќање на видот по операцијата

Особеноста на овој уред ја објаснува проф. д-р сц. Леонардо Патрљ, субспецијалист за дигестивна хирургија. За пример зема пациент кој имал рак на дебелото црево со метастази во црниот дроб.

„Ако користиме класична хирургија за пациенти, ќе мораме, да речеме, осум пати да оперираме за да ги отстраниме метастазите во црниот дроб. Секоја операција е тешка и проблематична, бидејќи постои можност да повредите друго ткиво или да пронајдете некоја од метастазите. Со радиохирургијата го нема тој проблем. Со неа не се менува анатомската структура на телото и по пет третмани може повторно да влезете во стомакот и да го оперирате црниот дроб како да е првпат“, објаснува д-р Патрљ.

Тие неодамна имале случај на пациент кој имал метастази во областа на оптичкиот нерв во мозокот. Пациентот го изгубил видот поради туморот, но по радиохируршкиот зафат метастазите биле отстранети и видот му се вратил за 80 проценти. Ако операцијата била изведена со класична хирургија, би имало големи шанси да се повреди окото, вели д-р Патрљ.

Уредот „Edge“ е модерен систем за радиотерапија и радиохирургија на американската компанија „Varian“. Овој уред е еден од клучните фактори што ја прават Радиохирургија Загреб една од најуспешните клиники во светот, особено кога станува збор за третман на иноперабилниот карцином на панкреас. Кај нив доаѓале пациенти кои според дијагнозата им биле предвидени од два до осум месеци живот, но со нивната терапија и третман тие пациенти веќе живеат повеќе од 28 месеци.

Две карактеристики се особено важни за овој резултат, вели д-р Шварц. Прво, уредот има минијатурни локатори (нешто како Џи-Пи-Ес за телото) кои влегуваат во ткивото на туморот и со помош на фотонските зраци го лоцираат ракот и го уништуваат. Имено, панкреасот, е орган што се движи во телото, дури и кога пациентот мирува, што значи дека локацијата на туморот исто така се движи. Во случај да се работи за апарат кој зрачи само со една фиксна локација, секое движење бара прекин на терапијата и повторно прилагодување на уредот, а таквото зрачење едноставно не може успешно да се изврши. Со „Еdge“, тоа не е проблем бидејќи ја следи локацијата на туморот со помош на споменатите локатори, што овозможува да се даде висока доза на зрачење што прецизно го уништува туморот и го штити околното ткиво. Овој уред овозможува максимална контрола на интензитетот и прецизност на зрачењето, што е од клучна важност за успешно уништување на туморот.

Нов радиохируршки уред

Болницата во моментов го подготвува теренот за уште една радиохируршка направа која дополнително ќе го олесни лекувањето на ракот. Станува збпр за првиот модел од најновата генерација уреди „CyberKnife S7“ кој ќе биде инсталиран во некоја европска болница.

Станува збор за роботска рака која со нетрпение го чека декември кога ќе ги започне своите први третмани. Овој уред всушност е многу сличен со уредот „Edge“, но неговата специјалност лежи во вештачката интелигенција. „CyberKnife“, всушност, има способност дополнително да ги предвиди промените во положбата на туморот.

На пример, за време на третманот со уредот „Edge“, пациентот не смее да дише 10 секунди за да не пречи со насочувањето на воздухот. Честопати може да биде голем предизвик за пациентите со рак да издржат толку долго без вдишување, но за „CyberKnife“ тоа нема да биде никаков проблем, бидејќи ќе може да ги лоцира туморите, дури и ако органот се поместува за неколку сантиметри.

Иако оваа болница става голем акцент на радиохирургијата, сепак, болницата изведува и класични хируршки операции во две најсовремени простории. Според д-р Шварц, во операционата сала се инвестирани повеќе од пет милиони евра, и имаат уреди со врвен квалитет. На пример, уредот „Lightvision“ што ја препознава разликата помеѓу туморно или не-туморно ткиво, или пак, систем за стерилизација на воздухот што го користи и НАСА.

Ова се сите детали што можат да го спасат животот на пациентот“, вели д-р Шварц, кој исто така ја нагласува важноста на хибридната хирургија, гранка во која радиохирургијата и класичната хирургија функционираат заедно. На пример, ако пациентот има голем тумор и помалку метастази во црниот дроб, тогаш хирургот ја отстранува големата маса, додека уредот ги отстранува помалите метастази, обезбедувајќи подобри услови за закрепнување на пациентот.

„Можеме да избереме како ќе се однесуваме кон пациентот и во тоа лежи нашиот успех“, вели директорот и специјалист по општа хирургија.

Но, за успех не е доволна само хируршка интервенција, туку пред се, врвна дијагностика. Тука се враќаме на советот од почетокот на текстот каде хирурзите, онколозите, физичарите и радиоконколозите ја одредуваат терапијата за пациентот. Од моментот на избувнување на пандемијата на коронавирус, Радиохирургија Загреб нуди бесплатно второ мислење од своите лекари за секој пациент кој ќе пријави во болницата директно или преку Интернет. На овој начин, тие сакаат да им понудат на луѓето најдобро решение за нивната состојба. Понекогаш тоа е терапија во јавна болница, понекогаш радиохирургија или класична хирургија. За жал, ракот во повеќето случаи се открива многу доцна и ова се ситуации кога болеста е толку напредната што е тешко да се направи ништо друго, освен да се обиде да обезбеди квалитетно продолжување на животот. Затоа толку зборуваме за превенција, потребата од прегледи и следење на сопственото здравје бидејќи колку порано се открие, толку повеќе може да се победи ракот со сите уреди со кои располагаме. Со секое одложување, нашите опции се намалуваат, вели проф. Шварц. Во секој случај, тие даваат информации што можат да го одредат понатамошниот тек на животот за многумина.

Вистински мали чуда

Тоа добро го знае неврохирургот проф. д-р сц. Јосип Паладино. Како што вели, неговата хируршка работа е механичкото отстранување на туморот, но покрај тоа, постои и тој дел од работата што е поврзан со т.н. неинвазивни процедури.

„Во голем сегмент, радиохирургијата се грижи за пациентот кој не може да се лекува хируршки или ако има тумор во тешко достапен регион“, вели проф. Паладино додавајќи дека пациентите конечно имаат шанса за високо и софистицирано ниво на медицинска услуга во Хрватска.

Во оваа болница навистина може да се направат мали чуда. Д -р Патрљ го дава примерот со една пациентка која била прогласена за иноперабилна поради огромен тумор на црниот дроб, а потоа дошла во Радиохирургија, каде по шестмесечна подготовка бил отстранет огромен дел од нејзиниот рак.

Затоа не е изненадувачки што голем број врвни лекари се дел од тимот на Радиохирургија Загреб. Еден од нив е и проф. д-р сц. Игор Николиќ, субспецијалист за торакална хирургија. Работниот век го поминал во Виноградска, Јордановац и Дубрава, а со доаѓањето во Радиохирургија, иако е пред пензија, сепак неизмерно ужива во својата работа.

„Работните услови што ги имаме овде се навистина на ниво на Европа и светот и можеме да се посветиме на секој пациент поединечно. Пациентите кои на некое друго место би биле отпишани овде добиваат нова можност. Ако би дошол пациент со десет метастази, не би можеле да го оперираат, но тука, со помош на радиохирургија, тоа е можно“, вели д-р Николиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот