Хрват е еден од главните кандидати за нов тренер на Манчестер јунајтед
Хрватскиот фудбалски стратег и актуелен тренер на Борусија Дортмунд, Нико Ковач, според најновите информации од германските медиуми, се наоѓа високо на листата на потенцијални кандидати за клупата на Манчестер јунајтед.
Препорачано
Како што пренесува „Скај спорт“, раководството на „црвените ѓаволи“ веќе се распрашувало за статусот на Ковач и внимателно ја следи неговата ситуација во Дортмунд. Името на хрватскиот стратег неодамна се споменуваше и како можна опција за Челси, но лондонскиот клуб на крајот се реши за Росениор.
И покрај интересот од Англија, Ковач во моментов е цврсто врзан со Борусија Дортмунд, со која има важечки договор до 2027 година, продолжен пред околу шест месеци. Под негово водство, „милионерите“ бележат стабилни резултати, се наоѓаат на второто место во Бундеслигата и успешно настапуваат во Лигата на шампионите.
Иако во германската јавност повремено има дебати околу стилот на игра на екипата, прагматичниот и дисциплиниран пристап на Ковач е високо ценет на Островот. Засега нема конкретни чекори, но според најавите, Хрватот ќе биде меѓу првите тренери со кои челниците на Манчестер јунајтед планираат разговори на пролет, кога ќе започне процесот на избор на трајно решение за клупата, по истекот на привремениот ангажман на Мајкл Керик до крајот на сезоната.


