Кучето Мајло / Фото: Приватна архива

Хотел за миленици во Бардовци можно жариште на опасниот парвовирус, едно куче умрело

Од Агенцијата за храна и ветеринарство за „Слободен печат“ известуваат дека по многубројните пријави за можна заразна болест, инспектори од Агенцијата вчера вршеле контрола во хотелот“, но дека надзорот е исклучиво за да се спречи евентуално ширење на заразната болест, бидејќи, како што велат оттаму, работењето на пансионите не е правно регулирано со законите за заштита на животните

Хотелот за животни „Ав, ав“ лоциран во Бардовци овој викенд е во фокусот на јавноста, но, за жал, не поради перфектната грижа кон милениците или одличните услови со кои располага, туку поради скандалозните тврдења од десетици сопственици, кои своите миленичиња по престојот во хотелот назад ги добиле ослабени, растревожени, болни и заразени со парвовирус, а едно од тие миленичиња, за жал, умрело.

Кучето ми умре два дена откако го добив назад

Ана Пејковска, една од сопствениците што своите миленичиња ги оставиле во хотелот, за „Слободен печат“, заедно со сопругот ја раскажаа нивната трогателна приказна за кучето Мајло, кое, за жал, веќе не е дел од нивното семејство бидејќи ја загубило борбата со парвовирусот, кој според нив бил откриен во многу доцна фаза, кога веќе кученцето било ослабено и крвавело.

Тие информираа дека на 15 декември Мајло здрав и витален бил оставен на десетдневен престој во хотелот „Ав ав“, но кога го добиле назад, тој бил видно ослабен и без препознатливата енергија, односно не можел сам да се движи.

Кучето Мајло / Фото: Приватна архива

По примопредавањето и плаќањето, кучето уште во влезот почнало да повраќа жолта течност, да се тресе и дури трипати изгубило свест, по што на сопствениците веднаш го однеле на биохемиски анализи.

– Кога поврати жолта киселина, ние сфативме дека кучето со денови не консумирало никаква храна. Веднаш го однесовме на биохемиски анализи и при мерењето на температурата забележавме дека крвави. Откако земаа примероци, нè информираа дека во текот на следниот ден ќе бидат готови резултатите – велат сопствениците.

Но, кучето уште истата вечер почнало интензивно да крвави, по што сопствениците го однеле на дежурен ветеринар во Автокоманда каде што било откриено дека има вирусна инфекција, односно парвовирус и дека е во критична фаза.

– Кога дознавме дека има парвовирус, ние веднаш ги контактиравме „Ав, ав“ и ги прашавме зошто воопшто не нè информирале дека кучето покажува симптоми на вирусна инфекција. Ни кажаа дека во четвртокот бил повикан ветеринар да го прегледа кучето, но газдите веројатно го игнорирале проблемот – вели Ана.

Мајло продолжил да крвави во петокот и во саботата, а 48 часа откако бил вратен назад од хотелот, при повраќање ја загубил свеста и веќе не се разбудил.

Кучето Мајло / Фото: Приватна архива

Сопствениците уште во првиот момент откако го добиле кучето назад ослабено 1,5 килограм пројавиле сомнежи во работењето на хотелот и за услугите што ги нудат за миленичињата, а откако јавно ги објавиле своите сомневања, нивното електронско сандаче се наполнило со стотици пораки од многу сопственици што имале слично искуство оставајќи ги своите миленици во хотелот „Ав, ав“.

Среќа што го проверив кучето Боби за парво

Еден од нив е и Александар, кој поради пат во Германија морал да го остави својот миленик Боби во овој хотел за миленици, каде што претходно во два наврата го оставал своето куче и немал никакви проблеми, но третиот пат случајно, откако добил информација за можен парвовирус во хотелот, направил тест за парво, кој излегол позитивен.

– Боби го оставив на 22 декември, отидов во Германија, каде што престојував до 27 декември и тој ден во 18 часот отидов да го земам. Почувствував сомнеж уште кога го земав, изгледаше ослабен и се тресеше. Кога стигнавме дома, тој јадеше, пиеше, спиеше, по што ми се јави пријателка и ме информираше за ситуацијата во хотелот и за опасноста од парвовирус, по што вчера отидов на ветеринар да направи тестирања, кои испаднаа позитивни на вирусот – вели тој за „Слободен печат“.

За среќа, вирусот бил откриен во рана фаза и сега Боби се лекува со антибиотици и витамински инфузии и му се прават секојдневни прегледи. Сепак, сопственикот информираше дека односот на вработените во хотелот откако им соопштил дека неговото куче е заразено, бил едноставно чуден.

Тој им соопштил дека кучето е заразено и дека е можно да се заразило од друго куче што престојувало во хотелот и ги замолил да направат јавно информирање за ситуацијата, со цел да ги известат другите сопственици, а оттаму добил одговор дека ќе го направат тоа, но јавно огласување од „Ав, ав“, за жал немало и сѐ уште нема.

– Односот на „Ав, ав“ е ужасен, тие мораат да информираат дека има опасност од парвовирус. Тие ми одговорија со некој генериран одговор и ги замолив да се одважат и да го соопштат проблемот. Тие ми кажаа дека ќе го направат тоа до 19 часот, но објава од нивна страна немаше – вели Александар.

АХВ: Инспекторите се на терен, но работата на пансионите не е законски регулирана

Од Агенцијата за храна и ветеринарство за „Слободен печат“ информираа дека по многубројните пријави за можна заразна болест, инспектори од Агенцијата во текот на вчерашниот ден вршеле контрола во хотелот „Ав, ав“.

– Официјален ветеринар на Агенцијата во моментов спроведува контрола во пансионот „Ав ав хепи дог“ по добиена претставка дека станува збор за можна заразна болест парвовироза кај кучињата што се згрижени во овој пансион – велат од АХВ.

Оттаму известија дека надзорот е исклучиво за да се спречи евентуално ширење на заразната болест, бидејќи работењето на пансионите не е правно регулирано со законите за заштита на животните.

– Со постојните закони за здравствена заштита и за благосостојба на животните правно не е регулирана работата на пансиони и на хотели за домашни миленици односно АХВ не ги регистрира или одобрува, туку во моментов постапува исклучиво од аспект на здравствена заштита и спречување на ширење заразни болести кај животните – велат од Агенцијата.

Нема ни „ав“ од хотелот „Ав, ав хепи дог“

Од хотелот, пак, вчера информираа дека преку нивните адвокати ќе добиеме одговор на нашите прашања во врска со овој можен скандал, но до објавувањето на овој текст, немаме никаков одговор во врска со вирусот појавен кај миленици што престојувале во „Ав, ав“.

Вирусот е заразен и издржува ниски температури

Низ разговор со Горан Ѓорѓиоски, ветеринар во „Лајка“, дознаваме дека парвовирусот е актуелен и зачестен токму во зимскиот период.

– Парвовирусот е актуелен во зимскиот период и се јавува на пониска температура. Тој претежно се појавува кај помладата популација, односно кај кучиња до една година старост, но поради мутациите тие граници не се конкретни и се менуваат – вели Ѓорѓиоски.

Тој додава дека парвовирусот освен тоа што е премногу заразен, тој е и исто толку издржлив и може да „преживее“ на многу ниски температури и да остане „закачен“ во леглата на милениците, по железните огради, како и по чиниите од каде што се прехрануваат животните.

– Главниот симптом на вирусот е крвав задник и дијареја со светлокафена боја, потоа дехидрираност, стрес, повраќање и нејадење храна – објаснува ветеринарот.

Доколку се открие во рана фаза, лесно се лекува

Процесот на инкубација на вирусот, како што вели Ѓорѓиоски, трае од седум до десет дена, кои се доволни да се рашири инфекцијата. Доколку вирусот е откриен во рана фаза, шансите за целосно лекување и закрепнување од парво се над 90 отсто. Но, според него, доколку заразеното животно не се третира два до три дена од откривањето на вирусот, шансите за лекување се навистина мали, а исто така се појавува и сериозна опасност од фатални последици односно смрт.

За да се заштитат животните, како што вели Ѓорѓиоски, единственото „оружје“ против вирусот е секојдневна дезинфекција, чистење на чиниите со врела вода дури и кога нема опасност од парвовирус.

– Вирусот е навистина непредвидлив и нема правила, објектите како хотели за животни, прифатилишта или стационари треба постојано да вршат дезинфекција на просториите, а доколку има куче заразено од парво, тоа веднаш треба да биде изолирано и третирано за да нема фатални последици по заразеното животно, но и за другите кучиња сместени во просторијата – апелира Ѓорѓиоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот