Хорор во Хелсинки: 80-годишен маж со децении живеел во подрум без прозорци
Финската полиција истражува дали со децении била искористувана ранлива личност, откако старец бил пронајден во нехумани услови во семејна куќа во Хелсинки.
Финската полиција откри случај што ја згрози јавноста ширум Европа. За време на претрес на една семејна куќа во Хелсинки, инспекторите пронашле 80-годишен маж за кого постои сомневање дека со децении живеел во нехумани услови, целосно изолиран и без основни услови за живот, објави финскиот Poliisi.
Препорачано
Полицијата соопшти дека мажот бил затекнат во просторија без прозорци и без пристап до основни хигиенски и животни услови, со површина од околу 30 квадратни метри.
Според првичните информации, тој ја напуштил куќата пред многу години, а во објектот во Хелсинки живеел многу долго, соопшти полицијата. Мажот бил пронајден во подрумски простор без прозорци, на истото ниво каде што се наоѓа и котларницата, а до подрумот водат скали од остатокот од куќата.
Инспекторите опишале дека бил во лоша физичка состојба, поради што веднаш бил згрижен и префрлен на понатамошни медицински процени. Надлежните не изнесоа детали за неговата здравствена состојба со цел да се заштити неговата приватност.
Тројца уапсени, истрагата оди кон трговија со луѓе
Поради сомневање дека го експлоатирале постариот маж и го држеле во понижувачки услови, полицијата уапсила тројца осомничени: двајца мажи и една жена, сите на околу 60-годишна возраст.
Тие не се во крвно сродство со жртвата, но, како што наведуваат истражителите, го познавале подолг временски период. Полицијата сега проверува дали станува збор за трговија со луѓе или за некој друг облик на организирано искористување на ранлива личност, пишува „HS“.
Мажот се вселил доброволно?
Според полициските информации, постариот маж се вселил во куќата доброволно пред повеќе од 20 години и, според пишувањето на „HS“, во еден период дури плаќал и одреден вид кирија.
Меѓутоа, со текот на времето неговата здравствена состојба се влошувала, а условите за живот станувале сè понехумани. Полицијата наведува дека има прелиминарна претстава за тоа кога настанала драстичната промена, но тој податок сè уште не е објавен.
Иако живеел во подрумот, сосед изјавил дека повремено го гледал мажот надвор, па полицијата нагласува дека не бил заложник, туку сега се проценува дали бил во состојба да носи рационални одлуки за сопствената ситуација.
Можен мотив – финансиска корист
Истражителите наведуваат дека клучниот мотив би можел да биде материјална корист, односно искористување на ранливоста на жртвата со цел осомничените да ја преземат неговата имотна состојба, приходи или други средства.
Главниот истражител Јари Коркалајнен потврди за националниот сервис Yle дека полицијата ги проверува сите можни финансиски врски меѓу осомничените и жртвата.
Финската полиција продолжува со утврдување на околностите: колку долго мажот живеел во такви услови, како воопшто дошол во куќата и каков бил неговиот однос со уапсените.


