Живот исполнет со скандали, контроверзии и бурна слава – холивудското „лошо девојче“ денеска полни 51 година
На денешен ден, 4 јуни, една од најфасцинантните и најконтроверзните фигури во историјата на Холивуд, Анџелина Џоли, го слави својот 51. роденден. Нејзината кариера започна во раните деведесетти години, под силно влијание на нејзиниот татко, славниот актер Џон Војт, иако таа брзо изгради сопствен, автентичен и независен пат во индустријата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Првите сериозни успеси ги доживеа со биографските ТВ-филмови „Џорџ Волас“ и особено „Џиа“ од 1998 година, каде ја пренесе трагичната судбина на манекенката Џиа Каранџи, улога која ѝ донесе огромни пофалби од критиката и го најави нејзиниот огромен потенцијал.
Круната по остварените улоги пристигна во 2000 година, кога го освои Оскарот за најдобра споредна женска улога за извонредната изведба на социопат во филмот „Неприлагодена“ (Girl, Interrupted), што останува една од нејзините најдобри улоги во кариерата.
Веднаш потоа, Џоли го направи клучниот комерцијален скок со улогата на Лара Крофт во „Томб Рајдер“, трансформирајќи се во глобална акциона икона.
Во текот на кариерата, таа нижеше подеми и падови, балансирајќи меѓу блокбастери како „Господин и госпоѓа Смит“, кој стана огромен хит, длабоки емотивни драми како „Замена“ на Клинт Иствуд за која доби уште една номинација за Оскар, па сè до комерцијални падови или режисерски обиди кои поминаа со мешани критики во Холивуд.
Сепак, паралелно со холивудските успеси, нејзиниот приватен живот секогаш беше проследен со бизарни скандали и шокантни тврдења кои ја тресеа јавноста.
Еден од најексплозивните моменти се случи токму на доделувањето на Оскарите во 2000 година, кога Анџелина на црвениот тепих и пред камерите страсно во уста го бакна својот роден брат Џејмс Хејвен, изјавувајќи на сцената дека е „вљубена во него“, што предизвика лавина од морбидни гласини за инцест кои парот подоцна мораше јавно да ги демантира, објаснувајќи дека тоа било само израз на чиста семејна поддршка во тежок период.
Оваа опсесија со мрачни и неконвенционални нешта се прелеа и во нејзините први два брака, на венчавката со актерот Џони Ли Милер во 1996 година се појави со неговото име напишано со сопствена крв на маицата, додека за време на бурниот брак со 20 години постариот Били Боб Торнтон, парот околу вратот носеше вистински ампули со крв од партнерот.
Низ годините, дури и луѓе од нејзиното блиско опкружување почнаа да изнесуваат мрачни тврдења за нејзиното однесување зад затворени врати, па така неколку нејзини поранешни вработени и телохранители за медиумите тврдеа дека таа имала фасцинација од ладно оружје, дека собирала ножеви уште од тинејџерските денови. Сепак на прашањата за приказните дека во моменти на бес наводно напаѓала со нож и ги сечела сопствените партнери, актерката никогаш не проговори.
Најголемиот „земјотрес“ во нејзината кариера се случи во 2004 година на снимањето на филмот „Господин и госпоѓа Смит“, кога меѓу неа и Бред Пит се роди хемија која доведе до колапс на неговиот тогашен брак со омилената американска актерка Џенифер Анистон.
Иако Џоли долго негираше афера, јавноста веднаш ја етикетираше како „растурачка на бракови“, создавајќи невиден медиумски раздор меѓу фановите. Како парот „Бранџелина“, тие поминаа заедно речиси 12 години и израснаа шест деца, три посвоени и три биолошки, а официјално се венчаа во 2014 година на нивниот имот во Франција, Шато Миравал.
Нивната бајка заврши доживеа колапс во септември 2016 година, кога Анџелина поднесе барање за развод по жестока расправија во нивниот приватен авион. Таа го обвини Пит дека под дејство на алкохол физички и вербално ја нападнал неа и нивниот најстар син Медокс, по што следуваше долга истрага.
Овој развод се претвори во повеќегодишна исцрпувачка војна. двајцата актери сè уште се судат за старателството над децата, кои во меѓувреме пораснаа и јавно почнаа да се откажуваат од презимето на Пит, а паралелно водат и жестока правна битка за сопственоста над заедничката француска винарија, која Џоли тајно ја продаде на руски олигарх.
Денес, на својот роденден, Анџелина Џоли останува подеднакво затворена за јавноста, посветена на своите деца и на хуманитарната работа, но нејзиниот статус на една од најинтригантните и најнепредвидливи икони на Холивуд е засекогаш запечатен.


