Забрана за употреба на дронови во близина на германските аеродроми/ Фото: EPA/ARMANDO BABANI

Хибридна закана од Русија: Што прават разузнавачите?

Германската разузнавачка служба инсистира на повеќе овластувања во борбата против шпионажа и саботажа. За таа цел треба да се реформираат законите за безбедност.

„Ние не сме во војна, но не сме веќе ни во мир“, изјави Фридрих Мерц во септември годинава. Со тоа канцеларот од ЦДУ можеби многу соодветно ја опиша ситуацијата што важи за Германија.

Најдоцна од моментот на руската агресија врз Украина, во политиката и безбедносните служби се зборува за хибридно војување.

Хибридни напади: саботажа, шпионажа и дезинформации

Овој микс од воени и разузнавачки акции, често придружени со пропаганда, ја погодува Германија со полна сила. Класични методи се саботажа, шпионажа и дезинформации, со цел населението масовно да се заплаши.

Службата за заштита на Уставот бара проширени овластувања за навремен надзор и анализа

Навремено препознавање на опасности за да се спречи нешто полошо е основната задача на Сојузната служба за заштита на Уставот (БфВ). Така се нарекува разузнавачката служба во Германија. Нејзиниот претседател, Синан Селен, со оглед на заканите, повеќе од кога било досега бара неговата институција да добие поголеми овластувања.
Кои проблеми и кои непријатели на демократијата го загрижуваат, тој објасни на симпозиум во Берлин:

„Имаме комуникација која делумно веќе не можеме да ја дешифрираме. Имаме актери кои делуваат под псевдоними.“

Овој заклучок Селен го поврза со јасно барање до политиката: „Во овие области, како разузнавачка служба, морам да можам да навлезам.“

Поддршка од Министерството за внатрешни работи и Канцлерамтот

За да го постигне тоа, шефот на БфВ се потпира на измени во законите за безбедност.

Министерот за внатрешни работи, Александер Добринт од конзервативната ЦСУ, веќе најави реформи. Поддршка доаѓа и од Канцлерамтот, каде Филип Волф ги координира трите централни разузнавачки служби: Службата за заштита на Уставот, Сојузната разузнавачка служба (БНД) и Воената служба за разузнавање (МАД).

Волф смета дека е потребен поголем онлајн надзор и складирање на ИП-адреси, како и дозвола безбедносните служби полесно да разменуваат лични податоци.

Дали тоа ќе биде можно, воопшто не е сигурно. Опозициските партии и граѓанските организации речиси секогаш поднесуваат тужби против построги закони пред Сојузниот уставен суд – и често се во тоа успешни.

Франција и Холандија како модели за построги безбедносни мерки

Претседателот на БфВ, Селен, сепак е оптимист и упатува на можностите во други држави од ЕУ: Франција и Холандија се многу понапред, рече тој на берлинскиот симпозиум. Тоа значи: во овие земји има помалку правни ограничувања при надзор на сомнителни лица и помалку строг закон за заштита на податоци.

Како ќе се развива соработката со САД е тешко да се процени по новата безбедносна стратегија на претседателот Доналд Трамп. „Јас од таква стратегија не би извлекол заклучок дека ќе раскинеме со Америка“, рече Селен. И додаде: „Не верувам ни дека нашите партнери ќе раскинат со нас.“

Намалување на зависноста од САД

Истовремено, претседателот на германската разузнавачка служба нагласи дека алијансите мора постојано да се преиспитуваат и развиваат. Европа мора да стане поавтономна од САД. Селен размислува и за сопствени ИТ-програми за надзор и анализа на дигитална комуникација.

Многу земји за тоа го користат контроверзниот американски софтвер „Палантир”, за чие користење во германските безбедносни служби се расправа веќе подолго време.

Шефот на Службата за заштита на Уставот покажува симпатии за национална алтернатива: „Имаме индустрии, имаме компании што можат да го направат тоа.“ Можеби треба повеќе да ги поддржиме, рече Селен.

Особено загрозена – критичната инфраструктура

Карло Масала, воен експерт од Универзитетот на Бундесверот во Минхен, ја опиша руската стратегија кон членките на НАТО како „сè посмела“. Германија, според руската перспектива, е особено атрактивна цел: „Ние сме раскрсницата“, рече Масала, мислејќи на централната положба на земјата во Европа и стратешкото значење во НАТО.

Експерти како Масала затоа претпоставуваат дека токму Русија стои зад зголемените саботажи на железнички линии, аеродроми и снабдувањето со вода и струја.

Дронови над Минхенскиот аеродром

На почетокот на октомври, дронови над аеродромот во Минхен (Баварија) предизвикаа прекин на работењето подолг период. Целта била да се внесат страв и паника кај луѓето, рече Масала.

Тој наведе уште еден можен мотив: „Да се покаже дека вашата баварска покраинска влада не е во состојба да направи нешто против тоа.“
Службата за заштита на Уставот може да предупреди на вакви сценарија, но не може да ги спречи.

Извор: DW/ Автор: Марсел Фирстенау

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот