Хавана му порача на Вашингтон: Не сакаме војна со Америка, но спремни сме да одговориме
Куба не сака војна со Соединетите Американски Држави, но е подготвена да одговори доколку се случи, изјави кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел, нагласувајќи дека, во случај на напад, Кубанците ќе можат да ги победат американските сили, објави „Си-би-ес Њуз“.
Препорачано
Обраќајќи се пред поддржувачите на владата на одбележувањето на 65-годишнината од инвазијата во Заливот на свињите, Дијаз-Канел, облечен во воена униформа, нагласи дека земјата се подготвува за „најлошото можно сценарио“, но не бара конфликт.
„Мораме да бидеме подготвени да се соочиме со сериозни закани, вклучително и воена агресија. Ние не го бараме тоа, но наша должност е да се подготвиме да го спречиме, а доколку се покаже како неизбежно, да го победиме“, рече кубанскиот лидер.
Кубанскиот претседател посочи дека решителноста на граѓаните на неговата земја е клучната сила на островот, нагласувајќи дека Куба ќе биде „непобедлива“ сè додека има луѓе кои се подготвени да ги жртвуваат своите животи за револуцијата.
Митингот во Хавана беше проследен со слоганот на собраните поддржувачи на владата дека Куба „не сака да биде американска колонија“.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна повторно се закани со можноста за воена акција против островот.
„Можеби ќе ја разгледаме Куба откако ќе завршиме со ова“, рече Трамп, алудирајќи на сегашната војна со Иран.


