Хараламбус: ФЦСБ е подобар тим од Шкендија, но тоа треба да го покажеме на теренот
В среда од 19.30 часот во Букурешт, Романија, ќе се игра реванш натпреварот од второто квалификациско коло во Лигата на шампионите помеѓу ФЦСБ и Шкендија.
Препорачано
Тетовските „црвено-црни“ во првиот меч одигран во Скопје на Националната арена „Тодор Проески“ триумфираа со 1:0.
Прес-конференција пред утрешниот дуел имаше романскиот клуб на која своите очекувања ги сподели кипарскиот тренер на екипата, Елиас Хараламбус:
– Ова е многу важен натпревар за клубот, за навивачите, за сите. Сигурен дека момците утре ќе го дадат максимумот во обидот да победат на овој меч за пласман понатаму. Мојот тим е подготвен, фокусиран, ќе дадеме сè од себе да ги израдуваме нашите навивачи кои сигурен сум дека ќе направат „луда“ атмосфера, информиран сум дека многу луѓе ќе дојдат на стадионот и се надевам дека на крајот сите ќе се радуваме. Добро е што играме на Националната арена во Букурешт каде што сме имале добри резултати. Од моја гледна точка ние сме подобар тим од Шкендија, но тоа треба да го покажеме на теренот. Мислам дека го имаме квалитетот да го решиме мечот во раната фаза од играта.
Најважна е нашата игра, да ја држиме топката, да доминираме, да играме брзо, да реагираме брзо кога ќе ја загубиме топката и да бидеме во ритам, тоа е најважното нешто што знаеме да го направиме и сигурен дека тоа ќе го направиме. Сакаме да играме фудбал, но првото нешто што го сакаме е пласман во следната фаза. Не знам дали е подобро да играте добар фудбал, а да не се квалификувате. Најважното е да победувате, и понекогаш не е важно дали сте одиграле добро – изјави Хараламбус пред медиумите.
Главен судија на натпреварот ФСЦБ – Шкендија ќе биде Олексеј Деревински од Украина.


