Артан Груби Фото: Фејсбук Груби

Груби се врати и пак нема обвинение против него – останува дома под надзор, но од кого го чуваат?

Фотографијата на меѓународната потерница за Артан Груби веќе ја нема на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи, откако пред два месеци поранешниот вицепремиер доброволно, со насмевка на лицето, се појави на граничниот премин „Блаце“ и беше уапсен.

По повеќе од година и половина, уште не е завршена истрагата, ниту е донесена одлука дали ќе се поведе обвинение против него или ќе биде запрена постапката за сомнежите за проневера на осум милиони евра при набавката на апарати за комар за потребите на Државната лотарија.

Кривичниот суд, по предлог на Обвинителството, одлучи Груби и во наредните 30 дена да остане во куќен притвор со 24-часовен полициски надзор. Оваа мерка му беше одредена кога се појави на „Блаце“, со образложение дека Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Министерството за внатрешни работи (МВР) процениле дека Груби не би бил безбеден во затворски притвор во Шутка.

Иако претходниот републички обвинител што си даде оставка пред да биде разрешен, Љупчо Коцевски, уште минатата година тврдеше дека истрагата во која е осомничен Груби е речиси завршена, дека сите докази се собрани и дека единствено се чека негова екстрадиција, сепак и по два месеци откако Груби сам дојде во земјава, јавнообвинителска одлука уште нема. Новиот обвинител Ненад Савески, само што беше назначен на функцијата, рече дека Груби нема дадено исказ и дека ќе даде откако обвинителите ќе ја завршат истрагата.

Од Обвинителството не соопштуваат никакви детали, само нагласуваат дека истрагата е во рамките на предвидените рокови.

– Истрагата е во рамките на законските рокови, а во оваа фаза Обвинителството не е во можност да споделува детали за дејствијата што се преземаат. По завршувањето на постапката, јавноста ќе биде известена – велат од Обвинителството за „Слободен печат“.

Груби е осомничен за „проневера во службата“, затоа што претседавал со владината седница на која Владата ја задолжила Државната лотарија да набави т.н. ВЛТ-терминали со цел да почне самостојно да организира електронски игри на среќа. За ова кривично дело му се заканува затворска казна од најмалку четири години, а нема максимално предвидена горна граница за висина на казната.

Во предистрага уште е и предметот што се води против него откако се најде на „црната листа“ на САД. Обвинителството се позанимава со довчерашниот потпретседател на ДУИ и со судијата Енвер Беџети, кој исто така доби забрана од САД, поради наводна вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството.

Образложението е дека примиле мито за да влијаат врз судските процеси, поврзани со кривичната пресуда на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, поврзано со предметот за масовното прислушување.

Од „Блаце“ Груби беше пренесен во притвор во Шутка, но оттаму замина во Обвинителството и со часови остана таму, по што беше решено сепак да оди во куќен притвор, иако 14 месеци беше во бегство. Оттаму се повикаа на безбедносната проценка што ја дале АНБ и МВР, од каде што, пак, никогаш не објаснија кој точно му се заканувал на Груби и зошто не би бил безбеден во Шутка.

ФОТО | Уапсен Артан Груби

Наспроти ова, директорот на Шутка тврдеше дека Груби таму би бил најбезбеден дури и да има закани против него. Ова само ги подгреа сомнежите за некаков политички договор околу „привилегијата“ што ја доби Груби да биде дома, со блиските, и наместо обвинение и докази за Груби, секојдневно се шират партиски обвинувања и шпекулации кои дополнително го политизираат случајот.

За опозициската СДСМ одредувањето на куќен притвор за Груби и неговото бегство се сценарио на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, додека од владејачката партија не престануваат со тезите дека СДСМ е во паника заради евентуалното сведочење на Груби, на кои би биле спомнати, меѓу другите, и поранешниот премиер Зоран Заев, неговиот брат Вице Заев, лидерот на СДСМ Венко Филипче…

 

Артан Груби веќе е во Шутка – објавено е видео на кое се смешка додека го апсат

– Тука им се стравот, паниката, хистеријата и јавувањето на Заев по пет години и сè она што се случува. Затоа што Артан Груби, како прв вицепремиер, ги имал сите информации за криминалите што ги правела претходната влада на СДС – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Вреди, пак, цели на тоа дека Груби ќе го предаде својот ментор Али Ахмети, но сите овие обвинувања остануваат на ниво на шпекулации. По овие обвинувања, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема информации, но има чувство дека кривично ќе се гонат поранешни премиери и нивни блиски роднини.
Досега, од истражните органи нема информации за вакви истраги.

ВИДЕО | Агелер за контактите со Груби додека тој беше на власт: Многу сум свесна кога луѓето ме лажат в лице

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот