ГРК Охрид во Чешка по заверка на пласманот во четвртфиналето во ЕХФ Европскиот куп
Денеска од 18.00 часот во Чешка ќе се игра реваншот од осминафиналето во ЕХФ Европскиот куп помеѓу ракометарите на Дукла Прага и ГРК Охрид.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Македонскиот претставник е поблиску до пласман во четвртфиналната фаза, на првиот меч во Охрид играчите на тренерот Борис Ројевиќ славеа високо со 30:21.
И покрај убедливиот триумф во првиот меч, играчите на ГРК Охрид максимално сериозно ќе го сфатат новиот натпревар и нема да дозволат никакво опуштање во нивните редови.
Составот на ГРК Охрид: Блажевски, Пилиповиќ, Борозан, Стрмљан, Ојлески, Јагуриновски, Иванковиќ, Кулуловски, Ристески, Тасески, Реј Моралес, Савревски, Петриќ, Ѓукиќ, Ќосевски, Прибетиќ.
Судии на денешниот натпревар се Емил Агхакиши и Ернест Агхакиши од Азербејџан, додека ЕХФ делегат е Гергели Ватај од Унгарија.
– Охрид е многу силен и искусен тим. Во првиот натпревар ни покажаа дека можат да ја казнат секоја наша грешка, без разлика колку е мала. Нашата цел во реваншот ќе биде да се претставиме подобро отколку во Македонија и да се обидеме да победиме дома – вели тренерот на Дукла, Мартин Брежина, за клупскиот сајт.
Ракометарите на Охрид во петокот го одработија единствениот тренинг во Спортскиот центар Репи во Прага.
– Првиот натпревар го добивме со девет голови разлика. Имавме и повисока разлика, но дојде до пад во финишот на мечот. Не можам да кажам дали триумфот во Охрид ќе биде доволен. Секако, тоа е нов натпревар, треба претходниот да го заборавиме. Одиме да одиграме еден квалитетен натпревар, да не размислуваме на гол разликата, да дадеме максимум. Се подготвуваме најдобро што можеме, да одиме да победиме и на реваншот – се зборовите на левото крило на ГРК Охрид, Гоце Ојлески.


