Грк-газда ги снимал гостите со скриени камери во хотел на Халкидики, згрозените туристи ќе тужат
Големиот скандал кој беше откриен лани, и во пресрет на годинешната летна сезона ја потресува Грција и особено туристичкиот сектор во земјата – жртвите на незаконското снимање во хотел на Халкидики, во кој сопственикот поставил скриени камери во собите, откриваат детали за случајот и најавуваат тужби за висока отштета.
Препорачано
Човек кој престојувал во хотелот со своето семејство минатото лето, зборува за шокот што го почувствувал кога дознал дека интимните моменти на неговото семејство можеби биле снимени без негово знаење или согласност. Тој опишува како му ги менувал пелените на детето и како детето долго било голо во собата, за дури по девет месеци да дознае дека скриена камера снимала сѐ.
Покрај креветот во хотелската соба бил пронајден црн уред кој личел на полнач за мобилен телефон, со УСБ-приклучок, кој ги снимал нивните приватни моменти. Хотелот имал вкупно шест скриени камери кои снимале слика и звук во хотелските соби.
Туристот за грчките медиуми изјави дека отпрво бил воодушевен од хотелот, кој ги имал сите погодности на хотел со пет ѕвездички, но по разумна цена, па дури и му честитал на сопственикот.
Скандалот бил откриен кога брачен пар кој престојувал во хотелот поднел пријава до полицијата во Солун, која почнала истрага. Младата двојка во хотелот престојувала на крајот на септември лани, бесплатно, како награда од сопственикот за соработката со хотелот минатото лето. Но, сопругот, по професија електричар, ја открил скриената камера во нивната соба и пријавил во полиција. Двојката пријавила дека камерата постојано снима слики и звук, активирајќи се на нивните движења, пишуваат медиумите.
Скандалот предизвика загриженост за приватноста и ја нагласи потребата од построги регулативи за заштита на правата на гостите во хотелите и другите установи.
Во истрагата било утврдено дека 34-годишниот газда на хотелот тајно снимал вкупно 27 луѓе, туристи од Грција и од странство, од кои досега полицијата разговарала со 13 оштетени, кои најавуваат тужби за голема отштета. Грчките обвинители се обидуваат да стигнат и до други луѓе кои лани престојувале во хотелот.


