Грција ќе ги покрива трошоците за карантин од Ковид-19 на туристите
Од 15 јуни, Грција, со правила и протоколи за безбедност и хигиена ќе ја стартува туристичката сезона.
Доколку се појави позитивен случај кај турист додека престојува на одмор во Грција, ќе биде сместен во хотел карантин, а трошокот ќе биде на товар на државата, соопшти портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас.
Пецас рече дека во следниот период, како што ќе се приближуваме до 15 јуни односно датумот одреден за официјален почеток на туристичката сезона во Грција, ќе биде соопштен и оперативниот план, а повтори дека ќе постојат насочени тестирања по случаен избор за туристите.
Тој истакна дека од 15 јуни, Грција, „доследно и методично, со правила и протоколи за безбедност и хигиена“ ќе ги прими туристите.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во четврток ќе учествува во презентирањето на програмата „Рестартирање на туризмот”, додека пак денеска имаше состанок со надлежните министри околу здравствено покривање на островите и здравствените протоколи за заштита на здравјето на локалното население, на туристичките работници, како и на туристите.