Грција ја отфрли можноста за продолжување на рокот за замена на македонските пасоши

Замена на македонските пасоши/ Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис јасно порача дека нема можност за измена на Преспанскиот договор со цел пролонгирање на рокот на важење на македонските патни исправи по 12 февруари.

– Договорот од Преспа е меѓународен договор, има сила над сите законски одредби и не може еднострано да се менува од никоја од двете страни, порача Герапетритис, и во синоќешното интервју за грчката телевизија „Антена“ и денеска од Парламентот, одговарајќи на пратеничко прашање, јави МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија кажа дека Нова демократија навремено излезе со ставови за Договорот од Преспа за точките кои тие ги сметале за проблематични, но додаде дека сега не може да се модифицира, а Грција го следи доследното и строго почитување.

– Континуирано имам истакнато дека Договорот од Преспа претставува меѓународен договор. Беше изгласан од грчкиот Парламент и како што налага Уставот, овој Договор има сила над секоја друга законска одредба, што значи дека не може еднострано да се смени од која било од страните. Нова демократија навремено ги изнесе позициите во однос на оние точки кои беа проблематични во Договорот од Преспа. Навремено посочи дека ќе постојат прашања и во имплементирањето. Денес сме уставно обврзани да го спроведуваме овој Договор и не е можно еднострано менување. Но, она што мора да го правиме и го прави Грција е да го следи доследното и строго почитување, рече Герапетритис, одговарајќи на пратеничко прашање.

Во однос на обврската за промена на пасошите и регистарските таблици на возилата до 12 февруари, шефот на грчката дипломатија посочи дека постојат јасни одредби и временски рокови кои мора да се почитуваат.

Притоа додаде дека Министерството за надворешни работи ќе биде строго во однос на предвиденото од Договорот од Преспа и Грција ќе инсистира на верно почитување на обврските кои произлегуваат.

За трите меморандуми со Македонија кои сè уште не се донесени за ратификација во грчкиот Парламентот, Герапетритис рече дека „апсолутно зависат од верното и строго почитување на одредбите на Договорот од Преспа“.

ВМРО-ДПМНЕ пред две недели поднесе иницијатива до Уставниот суд за процена на законите за патните исправи и за безбедност на сообраќајот од 2021 година и времена мерка пасошите и возачките дозволи да важат и по 12 февруари.

 

Тошковски се сретна со грчката амбасадорка, предложил мерки за проблемот со недостигот на обрасци за пасошите

 

 

ВМРО-ДПМНЕ поднесе инцијатива до Уставен суд: Времена мерка пасошите и возачките дозволи да важат и по 12 февруари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот