Грчкиот здравствен систем под голем притисок: Само осум лекари од приватни клиники се понудиле за помош

Грција ковид-19/ Фото: EPA-EFE/ACHILLEAS CHIRAS

Само осум лекари од приватни клиники одговориле позитивно на повикот од Министерството за здравство на Грција да помогнат во битката со пандемијата, во моменти кога јавниот здравствен систем во земјата е под голем притисок, откри денеска портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас.

– Упативме апел до приватните лекари да помогнат. Одговорот до денеска, за жал, не е очекуваниот. Само осум доктори се пријавија на повикот на министерот за здравство. Тоа е разочарувачка бројка и ги повикуваме, за последен пат, приватните лекари да ги слушнат не само повиците на Министерството на здравство, туку и на општеството, да му помогнат на националниот здравствен систем за справување со пандемијата на најефикасен начин. Тука сме да соработуваме за да се справиме со заедничкиот непријател, истакна Пецас.

Објасни дека поради новозаразените од претходните седмици, здравствениот систем во Грција е под голем притисок што најавува „уште една критична и тешка седмица за земјата”.

Пецас додаде дека очекувањата се оти во наредните денови ќе има зголемување на бројот на пациенти со смртен исход. но и оние што ќе бидат приклучени на апарати.

– Во војна сме и правиме сè што можеме за да го одржиме националниот здравствен систем, истакна Пецас и објасни дека во Солун за еден месец е зголемен бројот на ковид-кревети на интензивна нега од 34 на над 200, како и обични кревети за коронавирусот од 490 на над 1.500.

Согласно последните податоци, како што објасни портпаролот на грчката Влада, од почетокот на месецот, вирусот од групата на лица на возраст од 20-30 години, се пренел на постарите и тоа најчесто во круговите на семејството.

Истакна дека и за божиќните празници, ќе биде потребно прилагодување на новите околности.

– Цела 2020 година е поинаква. Треба да се прилагодиме на војната против пандемијата. Според тоа, треба да правиме сè што ни кажуваат експертите, да внимаваме и да се придружуваме до мерките, да избегнуваме собири, да внимаваме со индивидуалните мерки на хигиена, да носиме маска, да одржуваме растојание, кога е изводливо, истакна Пецас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот