Граѓански организации: Кога се штеди на превенција, последиците се скапи
Граѓанските организации и институциите од здравствениот сектор отворија јавен дијалог за унапредување на пристапот до квалитетни превентивни здравствени услуги за жените, девојките и ранливите групи, на тематскиот форум „Кога се штеди на превенција, последиците се скапи” одржан вчера.
Препорачано
Главните заклучоци од дискусијата се дека неопходно е вклучување на граѓаните и граѓанските организации во планирањето и спроведувањето на превентивните програми, препознавање на граѓанските организации како даватели на превентивни здравствени услуги, потребно е зголемување на буџетите за превенција, како и зајакнување на свеста на граѓаните за нивното право на превентивна здравствена заштита.
На форумската дискусија граѓани и претставници на граѓански организации споделија лични сведоштва за пристапот до програмата за скрининг на рак на грлото на матката и до гинеколошки услуги во руралните средини, предизвиците на младите во сексуалното и репродуктивното здравје, искуства со Програмата за здравствена заштита на мајките и децата, како и состојбите со превенцијата од ХИВ. Форумот обезбеди двонасочна дискусија, на која учествуваа и претставници на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Меѓупартиската парламентарна група за ХИВ и СРЗ.
Настанот се одржа како дел од проектот „Унапредување на здравствените права на жените, девојките и ранливите групи”, во чии рамки, во изминатиот период се изврши мониторинг анализа на четири програми за превентивна здравствена заштита.
Клучни наоди од анализите
Во споредба со 2021 година, буџетот за превенција на ХИВ е намален за околу 70 проценти, што резултира со 50 проценти помал опфат. Здруженијата откриваат еден ХИВ случај на 150 теста, додека здравствените установи еден случај на 1150 теста, што укажува дека за рано откривање критични се заедниците и граѓанските организации.
Во 2023 година со скрининг за рак на грлото на матката биле опфатени само 10 проценти од жените од целната возрасна група,што е далеку под потребните минумум 25% годишно. Недостигот од матични гинеколози е трајна бариера, особено во руралните средини.
Укинати се клучни скрининзи од програмата за мајки и деца (прееклампсија во бременост, слух кај новороденчиња), намалени се средствата за медикаментозен абортус, а услугите за најранливите се недоволно искористени (само 27 жени добиле бесплатна контрацепција и само еден бесплатен преглед за жртва на сексуално насилство во 2024 година).
Програма за партиципација (за бремените жени, родилки и доенчиња) –Дури 92 проценти од Ромките не знаат дека имаат право на бесплатни прегледи за време на бременоста, а 80 проценти платиле за услуги што им следуваат бесплатно. Министерството за здравство покрило партиципација за само 2.850 пораѓања од 16.061 живородени деца во 2024 година, оставајќи 82% непокриени од страна на државата.
Проектот „Унапредување на здравствените права на жените, девојките и ранливите групи” партнерски го спроведуваат Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – Заедно посилни, со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Консолидиран сет на препораки ќе биде финализиран и споделен со Министерството за здравство, надлежните институции и јавноста. Овој процес произлегува директно од барањето и учеството на граѓанските организации на форумот „Кога се штеди на превенција, последиците се скапи”.


