Граѓаните ќе мора да се стрпат: Замена на водомери само во итни случаи, „Водовод“ со минимална залиха

Водомер, Фото: Архива

Од претпријатие велат дека во моментов ги заменуваат само водомерите кои се комплетно оштетени, односно протекуваат и можат да направат штети во домовите на корисниците.

Доколку имате дефект на водомерот и треба да се замени, освен ако не протекува и ви се заканува опасност од поплава, од ЈП „Водовод и канализација“ нема да ви го заменат. Претпријатието во моментов располага со минимален број на водомери кои се поставуваат само во итни случаи. За сите останати случаи, кога е потребно поставување нов на местото од стариот водомер, граѓаните ќе мора да се стрпат.

-Со месеци ми е заглавено броилото на водомерот и не ја покажува потрошувачката на вода. Во меѓувреме на сметките за вода ми стига паушал. Дали е толку потрошено или не и дали воопшто сум трошел вода, не може да се докаже никако. Го пријавив дефектот онлајн на нивната веб страница, но ниту добив некаков повратен одговор ниту некој ми се јави. Потоа дознав дека претпријатието воопшто нема водомери во моментов и дека џабе сум пријавувал – вели Сашо од Аеродром.

Од „Водовод и канализација“ признаваат дека располагаат со минимален број на водомери иако е завршена тендерската постапка за набавка.

-Согласно законските нормативи ЈП „Водовод и канализација“ по завршената тендерска постапка за набавка на водомери има склучен договор за набавка на водомери, но од надлежната компанија сме известени дека не можат да постапат по истата, бидејќи Министерството за економија, односно Бирото за метрологија не им дава одобрение за употреба на водомерите – велат од претпријатието.

Оттаму додаваат дека располагаат и со акредитирна водомерна лабораторија, во која се врши сервисирање на водомери,но во последниве неколку години Бирото за метрологија не врши баждарење, односно не дава согласност за употреба на овие водомери. Според нив, со овој проблем се среќаваат сите комунални претпријатија во државата, поради што се иницирани  низа состаноци со комуналните претпријатија и со Бирото за метрологија, но проблемот се уште не е надминат.

-Сакаме да потенцираме дека нашево претпријатие ќе постапува по барањата на корисниците се додека има на залиха водомери, кои во моментов се на минимално ниво, и се заменуваат само водомери кои се комплетно оштетени, односно водомери кои протекуваат и можат да направат штети кај корисниците на нашите услуги – објаснуваат од „Водовод“.

За периодот кога водомерот е неисправен, односно не ја мери потрошената вода, како што велат, задолжувањето се врши согласно годишна просечна потрошувачка кога водомерот функционирал, а во согласност со Законот за снабдување со вода за пиење и одведување урбани отпадни води.

Во врска со онлајн пријавувањето дефекти на  нивната  веб страна, од претпријатието објаснуваат дека и покрај тоа што граѓанинот не добива повратен одговор, сите пријави што се праќаат преку оваа опција автоматски, системски се пренесуваат до службата за дефекти, а оттаму се издаваат налози за постапување врз основа на пријавениот дефект.

-Доколку постои потреба, во зависност од дефектот, се контактираат и корисниците кои го пријавиле дефектот. Доколку пак нема потреба да се контактираат, само се постапува по издадениот налог за санирање на пријавениот дефект – велат од „Водовод и канализација“.

Оттаму додаваат дека со цел да се излезе во пресрет на барањата на корисниците и граѓаните на град Скопје и со цел подобрување на услугите кои тие ги добиваат, ЈП „Водовод и канализација“, постојано работи на надоградба на своите системи и подобрување на услугите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот