Градинките на Ивица и Марин и приказните за мали деца

Дипломираниот професор по физичка култура Златко Марин во моментов на привремено работно место градоначалник на Општина Аеродром, ќе остане запаметен како единствен „дифовец“, кој се согласил на спортско игралиште да се изгради градинка. Наводно, тоа е единствената локација во Аеродром во државна сопственост, на која може да се гради објект што го бараат локалните жители. Град Скопје посочи и друг простор во близина – поранешното ракометно игралиште на „Југ“. Шилегов и Марин, колеги-градоначалници и сопартијци, не се договориле за ова пред багерите да влезат во „рекетот“. Мислам на оној, под обрачите на игралиштето. Како Аеродром да е во Петровец, а не во Скопје. Си биле еднаш градоначалници што ветувале чуда, арно ама… ќе останат само приказни.

Други родители, исто така од Аеродром, излегоа со транспаренти: Сакаме терен! Меѓу најгласните на протестот се сопствениците на игротеката и кафулето од „теренот“, чиј дел е издаден под концесија. Во Македонија, школските дворови често се издаваат за да се „издуваат“ рекреативци со мал фудбал во „балони“. А потоа мора и да се залие. Во кругот на училиштето, се разбира. Со дозвола на одговорните. За „рекетот“ под обрачите во игралиштата. Партиски игротеки со пари во македонското образование.

На протестот го немаше претходниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски. Кого, пак, го видов меѓу граѓаните што се бунеа против бетонот што ќе „никне“ во паркот кај „Мајчин дом“. Овој пат не дојде. За да не го праша некој – кој е тој што дозволил да се изградат толку многу осумкатници на местото на поранешните бараки во Острово, па сега нема место во градинките? Коневски не размислуваше за инфраструктурата, училишта, детски игралишта и градинки… „Тоа ќе го решава тој по мене“, си думаше во себе. Како и секој градоначалник што е „проколнат до седмо колено“ да обезбеди станови за семејството, а мандатот трае само четири години. Приказни што ги знаат и малите деца.

Град Скопје предлага градинката на Марин да се гради кај поранешното ракометно игралиште, но од  Аеродром велат дека на таа локација е предвидено парковско зеленило. Градоначалниците кај нас, главно, предвидуваат зеленило, а никако да го засадат. Белки собра Марин доволно пари за изградба на еден парк од комуналиите за локациите на објектите во изградба кај „Мајчин дом“ и кај булеварот „Јане Сандански“. Зашто, ако никнат борови, потешко во пополноќни измени на ДУП-от се трансформираат локации во маркички во „јавно приватно партнерство“. Како во „Расадник“ – малку градинка, малку повеќе 14-катници. За кои ќе бидат малку уште три градинки. Детски работи!

А, каде ќе се градат тие градинки? Па, на детски игралишта. На кои ќе нема џагор. Зашто децата ќе бидат заминати некаде вон „Мал Шенген“, со родителите.

Ќе останат само приказните за мали деца! Ќе ги раскажуваат баби и дедовци што тагуваат по своите внуци во јабана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот