Господ да ни е напомош

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Луди сме што дозволивме некадарници и збирштина од криминалци што ги окупираа институциите триесет години да ни возат ист филм: кражби, корупција и импровизација. А ние само да молчиме или да пцуеме зад тастатурите. Знаат какви сме, затоа и така ни прават. Останете во добро здравје.

Ја оставаме зад нас и оваа тешка, турбулентна година, во која се чини излеговме од тунелот во кој бевме напикани претходните две години, предизвикан од светската ковид пандемија, но веднаш потоа влеговме во друг, предизвикан од бестијалната руска воена агресија врз Украина, украинските граѓани и врз територијалниот интегритет и суверенитет на најголемата европска земја, што предизвика невидена светска инфлаторна спирала, која се одрази и кај нас, топејќи го и онака тенкиот буџет на просечниот македонски граѓанин.

Во годината кога, конечно, по седумнаесет години чекање требаше да ги отвориме преговорите со Европската Унија, ние се соочивме со оваа криза, но уште полошо, со бугарските уцени, блокади и наметнувања, преку кои официјална Софија сака да ни го наметне својот историски светоглед за нашата историја и минато, за да може да продолжиме по европскиот пат, кој живот значи за нас. И тоа со дозвола од самата ЕУ преку преточување на тие антицивилизациски барања во преговарачката рамка, усвоена со т. н. француски предлог.
Зошто постојано велам дека отворањето на преговорите со Унијата е единствениот начин и последната шанса ние да се помрднеме од оваа жива кал, од ова дно во кое сме потонати изминатите три децении, практично од првиот ден на македонската независност? Па, многу просто: практиката ни покажува дека, доколку немаме тутор над нашите корумпирани и криминализирани политички елити од сите политички партии, тие и во наредните децении ќе бидат уште побезобразни, понахални и подрски во својата кражба на македонските граѓани. Без око да им трепне и влакно да им фали!

Судството е грдото лице мафијата

Бескрупулозната одлука на Апелација да ја поништи првостепената одлука на Основниот суд за казни затвор за обвинетите во предметот „Таргет-Тврдина“ со кои за масовно незаконско прислушување на илјадници македонски граѓани се судат поранешните најмоќни лица од тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ е само еклатантен доказ дека судството е долгата и продолжена рака на македонската институционализирана мафија. Таа спрега: политички центри на моќ (партии), судство мас-медиуми е светото тројство кое во овие децении на повеќепартиска, Потемкинова демократија создаде урушена, угнетена и угниена дупка од држава, во која веќе и мртвите сакаат да станат од гробовите и да избегаат. Никој буквално веќе не сака ниту да остане во оваа земја, камоли животно да се реализира. Говориме за чесните, моралните, вредните и тие што го почитуваат законот. За другите, ова е елдорадо, ветена земја во која тие живеат како бубрег во лој.

Јас целосно го разбирам гневот на македонските граѓани, нивниот бес и разочараноста на секое поле од општественото битисување: здравството ни е полураспаднато и дише на жабри, образованието ни е претворено во кловновска карикатура, стандардот ни е меѓу петте најниски на европскиот континент, а за сметка на тоа воздухот ни е меѓу петте најзагадени на светско ниво, рамо до рамо со тој во Индија, Пакистан, Бангладеш и Кина. Јавната администрација е надуена како меур од подобни, партиски послушни, неписмени и неработнички кадри, а културата ни е на најниски гранки од независноста. Каде и да се свртиш, целосна декаденција, општествена меланхолија, ужасна бесперспективност.
Мислите дека претерувам?! Другар ми од Германија, кој со одлични примања, за македонски услови, неодамна се исели, дојде со сопругата за новогодишните и божиќните празници и вели: никогаш Скопје го немам видено помртво, посиво, помрачно. Затворени дуќани, празни улици, град на духови. И, навистина, можеби и во минатото сме биле сиромашни, но како-така живееше во нас некој дух кога доаѓаа највеселите годишни празници и тогаш се знаеше да се направи еуфорија. Макар и за три дена, колку секое чудо. Денеска и таа ја нема. Зошто и таа ни ја зедоа, украдоа!

Среќна нова 49-та!

И, што да си посакаме на прагот на Новата 2023 година? Многу здравје пред сè? Да, тоа е најважно, ама и тоа се губи пред налетот на најзагадениот и смртоносен воздух низ поголемите македонски градови, особено во главниот. Пред секојдневниот стрес од сите општествени збиднувања кој ни се приредува. За да бидете психофизички здрав, мора да живеете во животна и психолошки здрава средина, која овде одамна ја нема. Дали работите ќе се подобрат не во наредната, туку некогаш во иднина? Не знам, да не делувам како вечен песимист, нихилист и фаталист, но јас искрено, другари, верба немам. Не затоа што сум таков по природа, туку искуството од минативе децении ме учи на тоа.

Наивно и детски инфантилно е да очекувате дека нешто на подобро ќе се смени, ако постојано ние ги правиме истите работи. Тоа Зигмунд Фројд го детерминира како лудост. И да, луди сме што дозволивме шака некадарници, збирштина од стотина криминалци кои ги окупираа врвовите на институционалното управување со оваа земја, триесет години да ни возат еден ист филм: кражби, криминали, ендемска корупција и импровизација од управување со институциите на системот. А ние само да молчиме или да изразуваме гнев и незадоволство, да пцуеме и да негодуваме зад тастатурите, на социјалните мрежи. Знаат какви сме. Затоа и така ни прават.

Сепак, нека ви е среќна Новата година и чувајте се. Останете во добро здравје. Зошто, на крај, само тоа ќе ни остане. До кога, ќе видиме!

Авторот е политиколог

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот