Илустративна фотографија / Фото: Pexels

Голем успех во борбата против ракот на панкреасот: Иновативен начин на лекување целосно ги елиминира туморите кај животни

Научници од Шпанскиот национален центар за истражување на ракот успеале целосно да ги отстранат туморските клетки на панкреасот кај лабораториски глувци и да го спречат нивното повторно појавување, користејќи тројна комбинирана терапија, пишува „Еуроњуз“.

Ракот на панкреасот важи за еден од најагресивните и најсмртоносни облици на карцином, главно поради брзиот развој на отпорност на постоечките терапии. Новиот пристап, сепак, отвора надеж за идни терапевтски решенија.

„Овие студии го отвораат патот за развој на нови комбинирани терапии што би можеле да го подобрат преживувањето кај пациентите со дуктален аденокарцином на панкреасот. Резултатите го насочуваат и понатамошниот развој на нови клинички испитувања“, наведуваат истражувачите во соопштение.

Резултатите од истражувањето, објавени во научното списание „PNAS“, покажуваат дека истовременото дејствување врз три клучни точки во молекуларниот пат на онкогенот КРАС доведува до долготрајно повлекување на туморите.

Клучот на овој научен пробив е во надминувањето на резистентноста што се јавува кога онкогенот се блокира само на едно место. Истражувачкиот тим од ЦНИО комбинирал експериментален инхибитор на КРАС, лек кој веќе се користи во терапијата на рак на белите дробови, со средство што ги разградува протеините. Ваквата комбинација резултирала со целосно исчезнување на туморите, без значајни несакани ефекти, во три различни тестови на животни.

Иако резултатите се охрабрувачки и можат да претставуваат значајна пресвртница во онколошките истражувања, авторите на студијата повикуваат на претпазливост.

„Сѐ уште не сме подготвени да започнеме клинички испитувања со тројната терапија. Оптимизацијата на оваа комбинација за примена кај пациенти ќе биде сложен процес, но уверени сме дека ова откритие ќе го одреди правецот на идните истражувања“, се наведува во соопштението.

Ризично за луѓе со лошо орално здравје: Бактериите во устата го зголемуваат ризикот од рак на панкреас

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот