Годишниот фестивал на уметноста „КреАрт“ се одржува со мото „Во движење: помеѓу медиуми“
Годишниот фестивал на уметноста „КреАрт“ (CreArt) е мултидисциплинарен настан што ги обединува изложбите, анимацијата, стрипот, фотографијата, инсталациите, перформансите, работилниците и музиката во една заедничка креативна целина.
Препорачано
Фестивалот е поддржан од Град Скопје, како дел од активностите во рамки на проектот Скопје – Европска престолнина на културата 2028, и Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Овогодинашното издание на „КреАрт“ со мото „Во движење: помеѓу медиуми“ се одржува на 26 мај во МКЦ, од 16:00 до 00:00 часот.
Програмата на фестивалскиот ден е исполнета со современа уметност, интеракција и креативна енергија. Во текот на фестивалот Саре Керими и Ева Николовска ќе сликаат во живо. Во 17 часот ќе се одржи настанот „Со свои бои“, изложба и работилница за деца од школска и претшколска возраст со Нина Богуновиќ Петреска од „Палета Арт Академија“. Во 18 часот ќе се одржи работилницата „Вовед во анимација (Animation Kickstart)“ со Гоце Господиновски и Александра Хаџи-Наумова Атанасовска.
Во сегментот „Антологија на македонски авторски анимирани филмови“ од 20 до 22 часот ќе се одржат видеопроекции во Џебно кино на МКЦ. На програмата се: „Кружно патување на сенката“ (2013) во режија на Жарко Иванов; „Кружното патување на Марето“ (2015 ) на Жарко Иванов; „Девојката што паѓа“ (2016) на Владимир Лукаш; „Образец Б16“ (2017) на Иван Ивановски; „Кружно патување на монахот“ (2018) на Жарко Иванов; „Готлиб“ (2018) на Крсте Господиновски; „Карантин“ (2021) на Иван Андреевски; „Небиднина“ (2024) – омнибус на Крсте Господиновски, Жарко Иванов, Иван Ивановски и Владимир Лукаш; „Неми филмови“ (2025) на Крсте Господиновски.
Од областа на ликовната уметност ќе се одржат повеќе изложби: „Фрагменти на наративот – Секвенци, прекини и читања во слики“, дигитален цртеж, групна изложба на млади автори; „Социјален реализам низ фотографии – Скриените херои на градот Пореч“ на Фатима Зеќири; „Архаика 2.0 – Нова македонска естетика“ на Анета Атанасовски; „Пополнување на празнината: Парадоксот на отсуството преку присуство“ на Елена Димоска Николовска; „Технонеолит“, ликовен перформанс на Слободан Живковски; „Траги“, текстилна композиција / инсталација на Маја Ѓуреска и Медина Хоџа; „Ковањето на Џонсон“, инсталација и видеопроекција на Срџан Миќиќ.
Ќе се одржи и „Уметноста на пивото“, работилница, презентација и дегустација со Димо Попчев од „Пиволабс“, а со диџеј-сет ќе настапи и Диџеј Славе, извести Александра Хаџи-Наумова Атанасовска, организатор и куратор на настанот.


