Изгорената дискотека „Пулс“ во Кочани / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Годишен извештај на „Транспаренси“: Кочани како симбол на коруптивен институционален неуспех

„Транспаренси Интернешнл“ – Македонија го објави годишниот извештај „Бистро-Матно“, кој претставува преглед на сите дванаесет месечни изданија објавени во текот на 2025 година и дава сеопфатна слика за состојбата со корупцијата и борбата против неа во државата.

Извештајот оценува дека 2025 година била обележана од катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој откри сериозни коруптивни практики, институционални пропусти и целосно затајување на системите за превенција. Иако истрагата и обвинението беа покренати во законски рок, организацијата предупредува дека вистинската борба за правда допрва ќе се води во судската постапка.

Дополнително, поднесеното обвинение против поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупција поради оддавање службени тајни сериозно го отвори прашањето за кредибилитетот на оваа клучна институција. Слично, предметот „Онкологија“ и откритијата за непотребни кардиохируршки интервенции ја разнишаа довербата во здравствениот систем, посочувајќи на сомнежи за профитно мотивирани злоупотреби.

Извештајот посочува дека и во 2025 година не беше донесен новиот Кривичен законик, што, според Транспаренси, дополнително ги продлабочува последиците од контроверзните измени усвоени во 2023 година и негативно влијае врз високопрофилираните коруптивни предмети. Во речиси секое издание на „Бистро-Матно“ биле нотирани и негативни извештаи на Државниот завод за ревизија, кои укажуваат на системски слабости во работењето на институциите.

Особено загрижувачка е и состојбата со институцијата Народен правобранител, која поради недостиг на политичка волја и натаму функционира без раководство, на директна штета на заштитата на човековите права на граѓаните.

Во текот на годината биле евидентирани и бројни случаи на поткуп и корупција, вклучително и истраги против високи функционери, директори на здравствени и државни институции, како и случаи на мито поврзани со градежни дозволи, инвалидски пензии и судски влијанија.

И покрај доминацијата на „матните“ настани, извештајот бележи и позитивни примери.

– Граѓанските организации во областа на животната средина имаа значајна улога во зголемување на јавната свест, што резултираше со одлука за дислокација на цементарницата „Усје“ од Скопје. Позитивна е и дигитализацијата на Управниот суд, како и едукативната игра „Сива зона“, креирана од млади студенти, наменета за подигнување на свеста за корупцијата кај средношколците – се вели во извештајот.

Транспаренси Интернешнл – Македонија заклучува дека и покрај поединечните позитивни чекори, корупцијата останува длабоко вкоренет проблем, а потребата од суштински реформи и политичка одговорност е поитна од кога било.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот