Фото: pexels-conojeghuo

Го казниле дека разговарал преку звучник на мобилен телефон

Французин кој бил казнет со 200 евра затоа што разговарал преку звучник на мобилен телефон на железничка станица во Франција, започнал правна битка против казната, јавува „Би-би-си“.

Тој е познат само како Дејвид, а за француската телевизија „BFM TV“ изјавил дека пред шест дена имал телефонски разговор со неговата сестра на станицата во Нант кога му пришол вработен во француската железничка компанија.

Дејвид тврди дека му било кажано дека ќе биде казнет со 150 евра доколку не го исклучи звучникот на мобилниот, а казната, според него, подоцна била зголемена на 200 евра бидејќи одбил да плати на лице место. Тој ангажирал адвокат да ја оспори казната.

Од француската железничка компанија потврдиле дека мажот бил казнет од нивното обезбедување. Тие изјавија дека нивниот безбедносен персонал оперира во возови и на станици и е овластен да издава билети на патниците. Потврдија и дека казната е зголемена од 150 евра на 200 бидејќи патникот одбил да плати.

Иако во Франција не постои закон кој забранува зборување преку звучници на јавни места, постојат прописи за контрола на бучавата. Според францускиот транспортен кодекс, лицата кои користат звучни уреди или инструменти или го нарушуваат мирот на другите со бучава во областите што се користат за јавен превоз може да се соочат со парична казна.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека гласно зборување на јавно место е едно од однесувањата кои се сметаат за најнеприфатливи кога станува збор за телефонски повици.

Со оглед на таквите силни ставови, различни земји имаат различни пристапи за регулирање на овој проблем. Во Британија, железничките регулативи наведуваат дека употребата на кој било уред што произведува бучава и ги вознемирува другите не е дозволена, освен ако тие имаат писмена дозвола, а прекршувањето може да резултира со парична казна.

Некои железнички оператори во Британија нудат тивки вагони или тивки зони, каде што патниците се охрабруваат да го одржуваат нивото на бучава на ниско ниво. На пример, London North Eastern Railway бара од патниците во таквите вагони да се погрижат музиката што ја слушаат да не се слуша преку нивните слушалки и да се тргнат доколку сакаат да примаат или да упатуваат повици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот