Главна цел на македонските кошаркарски надежи на ЕП ќе биде опстанок во дивизијата „А“

фото: kfsm.mk

Втора година по ред, Скопје и Македонија ќе бидат местото каде најдобрите кошаркарски кадети во Европа ќе се борат за престиж и титулата најдобар.

И второ лето по ред, сериозен испит за нашиот кадетски национален состав. Да се натпреварува во конкуренција на најдобрите 16 европски репрезентации во категоријата „Под 16“ години.

Избраниците на селекторот Александар Јованчев во групната фаза ќе се соочат со исклучително квалитетни ривали. Актуелниот бранител на кадетската европска титула, Литванија, која на истото место, во Скопје, лани покажа дека е најдобрата. Ќе играат и против „бронзената“ Франција, која исто така е во кругот на топ-фаворити за највисок пласман.

А во ова друштво е и Белгија, која минатата година, со одлични настапи на ЕП во дивизијата „Б“, се стекна со место во елитната кадетска конкуренција.

– Ова е последен ден од подготовките пред почеток на Европското првенство. Задоволен сум од текот на подготовките, 43 дена одработеа репрезентативците. Притоа одигравме и седум контролни натпревари. Добро е што во последните неколку дена имаме само мали повреди и речиси сме комплетни. Утре нè очекува дуел против репрезентацијата на Белгија која изгледа добро, и има квалитетни кошаркари на бековските позиции. Доколку успееме да ги стопираме бековите сметам дека имаме големи шанси да триумфираме што би било идеален старт на првенството – вели Јованчев.

Натпреварите во четирите натпреварувачки групи ќе се играат во големата сала на СРЦ „Кале“ и во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Влезот за сите натпревари е СЛОБОДЕН.

Натпреварите од кадетскиот Евробаскет ќе бидат директно пренесувани на програмите на „Sportklub“ ТВ, како и на Youtube каналот на ФИБА.

Европско првенство дивизија „А“ („Под 16“)

ГРУПА А: Словенија, Италија, Турција, Црна Гора
ГРУПА Б: МАКЕДОНИЈА, Белгија, Литванија, Франција
ГРУПА Ц: Германија, Израел, Шпанија, Финска
ГРУПА Д: Летонија, Србија, Грција, Полска

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ ВО ГРУПА „Б“

5. АВГУСТ (САБОТА)
18.30: МАКЕДОНИЈА – Белгија
21.00: Литванија – Франција

6. АВГУСТ (НЕДЕЛА)
16.00: Белгија – Литванија
18.30: Франција – МАКЕДОНИЈА

7. АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК)
13.30: Франција – Белгија
18.30: МАКЕДОНИЈА – Литванија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот