Ѓорческа елиминирана во првото коло на турнирот во Словачка
Лина Ѓорческа не успеа да ја мине првата пречка (првата носителка) на ИТФ фјучрсот што се игра во W50 Трнава, Словачка, за награден фонд од 40.000 долари. Најдобрата македонска тенисерка по голема борба и меч во три сета загуби од Французинката Осеан Додин со 2:1 во сетови 7:5, 0:6 и 6:2 за 108 минути игра.
Препорачано
Првиот сет донесе и најмногу неизвесност во текот на мечот. Ѓорческа имаше предност до 3:2 во сетови, за потоа противничката да успее да направи брејк во седмиот гем и да поведе со 4:3. Македонката се врати резултатски со „ри-брејк“ во следниот гем за 4:4. Но, француската тенисерка повторно направи брејк во 11 гем за предност од 6:5, која ја сочува откако го доби и следниот гем за 7:5 во првиот сет.
Во вториот сет Ѓорческа одигра буквално без грешка и со 6:0 го доби вториот сет и со тоа израмни на 1:1 во сетови. Но, во решавачкиот сет Додин стартуваше со два брејка за водство од 4:0 што беше клучно сетот да го добие со 6:2 во гемови.
Мала утеха за Ѓорческа е што против Додин (115 место ВТА листа) имаше еден поен повеќе освоено (82:81) при ист број на гемови (13:13).
Следната недела нашата тенисерка ја очекува настап на W50 ИТФ фјучрсот во Селва Гардена во Италија.


