Гатузо: Киеза не сака да игра за репрезентацијата
Италијанскиот селектор Џенаро Гатузо потврди дека крилниот напаѓач на Ливерпул, Федерико Кјеза, одбил да настапи за националниот тим, иако причините за тоа сè уште не се целосно познати.
Препорачано
„Често разговарам со него. Мораме да ги почитуваме туѓите одлуки и личните причини. Ми рече дека не се чувствува подготвен и јас тоа морам да го прифатам. Ова е веќе четврти или петти пат како го објаснувам тоа“, изјави Гатузо.
Киеза, кој минатата година се пресели во Ливерпул од Јувентус, оваа сезона најчесто влегува од клупа и ретко почнува натпревари. На 12 настапи има постигнато два гола – против Борнмут и Кристал Палас. Потсетуваме, тој беше еден од хероите на Италија при освојувањето на Европското првенство во 2021 година.
Италија се наоѓа под голем притисок пред последните две квалификациски средби за Светското првенство – против Молдавија и Норвешка.
Поразот од Норвешка (0:3) под водство на Лучано Спалети сè уште ја прави разликата во групата И. Норвешка има максимални 18 поени и гол-разлика 29:3, додека Италија има три помалку (18:8).
Доколку двете селекции завршат со ист број бодови, прво се гледа гол-разликата, што значи дека Норвешка е многу блиску до директен пласман на Мундијалот. Италија, пак, најверојатно ќе мора преку бараж во март да ја бара визата за Светското првенство – нешто што не им донесе среќа во 2018 и 2022 година.
Гатузо, познат по својот темперамент, минатиот месец дури изјави дека ќе се исели од земјата ако Италија и овој пат не се пласира на Мундијал.


