Гатузо: Јас сум грд, брадест и со седа коса

твитер

Темпераментниот Гатузо вечерва имаше официјална промоција како наследник на Анчелоти. Тој потпиша шестмесечен договор, а доколку ја однесе екипата во Лигата на шампионите тогаш ќе биде награден со дополнителен едногодишен договор.

– Не е важно дали се шест месеци или подолго, бидејќи нашата работа зависи од резултатите. Доколку претседателот Де Лаурентис ми понудеше само шестмесечен договор без опција за продолжување ќе го прифатев бидејќи ова е голема шанса во кариерата. Чувствувам дека овие фудбалери на Наполи како да се направени за мене – беа првите зборови на Гатузо како нов тренер на Наполи, кој веднаш одговори и на прашањето поврзано со парите кои ќе ги заработи.

– Разговорот околу финансиите беше многу краток. Не зборувавме за маркетинг правата бидеќи сум грд, брадест и со седа коса па можеби не сум исплатлив.

Популарниот Рино за разлика од играчката, нема импресивна тренерска кариера. Тој имаше неславни епизоди во Сион, ОФИ Крит, Пиза и Милан кого го тренираше две години но не успеа да го однесе тимот во ЛШ. Желбата да биде тренер во ЛШ конечно ќе му се оствари на Гатузо бидејќи Наполи обезбеди пласман во осминафиналето.

– Знам дека осминафиналето во ЛШ е голема работа за Наполи но тие натпревари ќе се играат во февруари идната година. Моментно имаме други проблеми, имаме уште два натпревари до зимската пауза и мораме да бидеме подобри во нив. Овој тим има обврска да победува со одреден стил и да игра во Европа. Мораме да покажеме одлучност, гордост но и да играме добар фудбал, нешто што Наполи го правеше со години – потенцира Гатузо.

Новиот тренер на Наполи кој беше еден од омилените фудбалери на Анчелоти од славните денови на Милан, откри дека денеска прв пат разговарал со сега веќе поранешниот стратег на „наполитанците“.

– Нема да лажам, прв пат се видов со Де Лаурентис во неделата. Не сакав да зборувам со Анчелоти пред важниот натпревар во ЛШ и исправно постапив. Разговаравме утринава, ова не беа лесни денови за мене бидејќи морав да му ја објаснам мојата одлука на Карло. Одиграв преку 300 натпревари за него, тој е прекрасна личност и тоа го покажа денеска.

Секогаш ми беше втор татко, отсекогаш токму од него сум барал совети. Дека е голем човек потврди уште еднаш, ми кажа дека овој тим може да биде уште подобар, беше искрен со мене, но ќе ги задржам деталите од тој разговор. Ве молам не ме споредувајте со него, тој освои се, а јас имам уште многу за докажување и се надевам дека ќе достигнам барем 10% од тоа што тој то направи – изјави Гатузо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот