Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Посни колачи со урми, смокви, ореви и темна чоколада
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: посни колачи со урми, смокви, ореви и темна чоколада.
– Понекогаш, најубавите десерти се оние што не бараат печење, туку трпение, внимателен избор на состојки и љубов кон природните вкусови. Овие посни колачи се создадени од сушени плодови, јаткасти плодови и темна чоколада – комбинација што нуди богатство од ароми, хранливост и елегантен изглед. Идеални се за свечена трпеза, подарување или едноставно како здрава слатка пауза во денот – порачува Бобе.

Состојки:
– 150 грама урми (без семки)
– 100 грама суви смокви ( потопени 15 минути во топла вода)
– 100 грама ореви
– 1/2 лажичка мелен цимет
– 1-2 лажица свеж сок од портокал (по потреба)
За премачкување:
– 2-3 лажици свеж сок од портокал
За валкање:
– 50 грама мелени ф’стаци
За полнење:
– 50-70 грама темна чоколада (посно, со најмалку 70 отсто какао)
– 30 мл слатка павлака (посна)

Подготовка:
Урмите и сувите смокви сомелете ги во блендер/сечко, додека не добиете компактна, леплива структура. Додајте ги мелените ореви. Доколку е потребно, додајте 1-2 лажици сок од портокал за полесно поврзување.
Од смесата земајте мали топчиња и лесно сплескајте ги со дланките. Секое колаче премачкајте го со малку сок од портокал, а потоа извалкајте го во мелени ф’стаци, за дополнителна текстура и боја.
Со прст или мал кујнски алат направете длабнатина во средината на секое колаче. Наполнете ја со претходно растопена темна чоколада со слатката павлака. Оставете ги колачите да се стегнат 10-15 минути на собна температура или во фрижидер.
Овие посни колачи се доказ дека едноставните состојки, кога се внимателно комбинирани, можат да создадат десерт што го радува и окото и непцето. Со нивната природна сладост и благ цитрусен допир, тие се совршен пример дека уживањето може да биде и здраво и елегантно. Совршени за секоја пригода или за момент само за вас.
На здравје!



