Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Погача
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: погача.
– Оваа прекрасна декоративна погача е мека, вкусна и совршена за свечени пригоди – порачува Бобе.

Состојки за квасецот:
• 450 мл млако млеко
• 1 лажичка шеќер
• 40 грама свеж квасец
• 2 лажици брашно
Се остава да стаса тестото на топло место.
За тестото:
• 2 јајца
• 2 лажички сол
• 90 мл масло
• стасаниот квасец
• 1 кг брашно (додека не се добие меко тесто)
Тестото се меси додека не стане мазно и еластично. Се остава да одмори околу 30 минути покриено.

Подготовка и формирање:
Од тестото направете:
• 5 топки по 170 грама
• 5 топки по 90 грама
• 5 топки по 50 грама
• 1 топче од 60 грама (за средина)
Оформете мазни топчиња и оставете ги да одморат 5 минути покриени со крпа за да не се сушат.
Редослед на редење:
Големите топки 170 грама се сучат колку една порција (дијаметар околу 25 см), секоја кора се премачкува со растопен путер или маргарин, освен последната. Се редат една врз друга и се сечат на 8 дела, не до крај на кругот. Се ставаат на хартија за печење. Секој триаголник се листа секоја кора една по една кон надвор и се префрлаат во округла тава.
Средните топки 90 грама се сучат 15 см, се премачкуваат со путер, и повторно се редат една врз друга (последната не се премачкува). Се сечат на 8 дела, не до крај, се редат врз претходниот круг, се листаат и виткаат кон надвор.
Малите топчиња 50 грама се сучат 7 см и се премачкуваат. Се сечат не до крај на 8 дела. Се ставаат во средината, се остава мало место за топчето за последното топче и се листаат на надвор.
Во средината се става последното топче 60 грама.
Печење: Покријте ја погачата со памучна крпа и оставете да стаса уште еднаш 15-20 минути. Пред печење, премачкајте ја со матено јајце и наросете со сусам.
Се пече во загреана рерна на 180 степени Целзиусови околу 30 минути, во зависност од рерната. Кората треба да добие златно-кафеава боја.
Се остава да се излади, потоа се јаде.
На здравје!



