Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Макало од компири и суви пиперки
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: макало од компири и суви пиперки.
– Во македонската кујна постојат јадења што со својата едноставност освојуваат на прв залак. Макалото со компири и суви пиперки е токму таков рецепт – скромен по состојки, а богат по вкус. Мирисот на лук и варени пиперки, соединет со мекоста на компирот, создава совршена домашна хармонија што потсетува на трпезите од минатото. Ова макало најчесто се служи како прилог со риба, месо, но еднакво е вкусно и како самостоен оброк, со парче свеж, топол леб – порачува Бобе.
Состојки:
– 500 грама варени компири
– 5 суви пиперки (сварени заедно со компирите)
– 3 чешниња лук
– 1 лажица сол
– 30 мл масло

Подготовка:
1. Компирите излупете ги и сварете ги во солена вода. Во истата вода додајте ги сувите пиперки и варете ги додека омекнат.
2. Исцедете ги компирите и пиперките, а течноста зачувајте ја настрана доколку е потребно за прилагодување на густината.
3. Во длабок сад или аван толчете ги лукот, солта и лажица масло за да добиете кремаста смеса.
4. Додајте ги компирите и пиперките и испасирајте ги додека не добиете изедначена смеса. Доколку сакате покремаста структура, постепено додавајте по малку од водата во која се вареле.
5. На крај, полијте го макалото со врело масло.
6. Макалото послужете го додека е свежо и ароматично.
Ова традиционално македонско јадење ќе донесе топлина и автентичен вкус на вашата трпеза.
На здравје!


