Фото: Приватна архива

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Козињак – мирисот на домот во секое парче

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес – козињак.

– Постојат рецепти што не се читаат – тие се паметат. Се пренесуваат тивко, од рака на рака, од генерација на генерација, како најтопла семејна тајна. Козињакот е токму таков: мек, миризлив и раскошен, со златна кора и душа што раскажува приказни за празници, заедништво и љубов. Додека се пече, домот се исполнува со мирис на портокал и путер, а времето како да застанува барем за миг. Овој рецепт не е само упатство – тоа е покана да создадете спомен – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Состојки за тестото:

– 550 г брашно (просеано)
– 250 мл млеко
– 7 г сув квасец (или ½ коцка свеж)
– 70 г шеќер
– 70 мл сончогледово масло
– 30 г путер (на собна температура)
– 1 јајце
– 1 жолчка
– прстофат сол
– ½ лажичка махлеп
– рендана кора од 1 голем портокал
– 200 г суво грозје

За премачкување:

– 1 жолчка

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Од вкупната количина млеко и брашно одделете 50 мл млеко и 1 лажица брашно. Измешајте ги со квасецот, покријте и оставете околу 10 минути, додека смесата не стане пенлива и жива.

Во сад за месење просејте го остатокот од брашното. Додајте шеќер, сол и рендана кора од портокал. Потоа ставете ги активираниот квасец, путерот, јајцето и жолчката. Започнете со месење на ниска брзина, постепено додавајќи го преостанатото млеко и маслото.

Месете 10–15 минути, додека добиете мазно, сјајно и еластично тесто. Избегнувајте дополнително брашно освен ако навистина е потребно. На крај додајте го махлепот и месете уште кратко.

Покријте го тестото со фолија и оставете го на топло место да го удвои волуменот – најмалку 1 час.

Стасаното тесто префрлете го на работна површина и нежно развлечете го. Распоредете го сувото грозје рамномерно, завиткајте го како ролат, па поделете го на 12 еднакви топчиња. Наредете ги во намастен калап или тава.

Покријте со крпа и оставете повторно да стасаат околу 30 минути.

Загрејте ја рерната на 170 степени. Премачкајте ги со изматена жолчка и печете 20 минути. Потоа покријте со хартија за печење за да не потемнат премногу и печете уште 20-30 минути, додека не добијат убава златна боја.

Оставете ги печивата да одморат 10 минути, потоа покријте ги со памучна крпа и оставете целосно да се изладат. Така ќе ја задржат својата мекост и свежина.

На здравје – и нека секое парче ви донесе топлина, како од најубавите спомени.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот