Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Јапонски рамен со ракчиња – топлина во чинија
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: јапонски рамен со ракчиња.
– Понекогаш ни е потребна чинија што раскажува приказна. Приказна за Далечниот Исток, за пареата што се издига од богат бујон, за мирисот на алги и соја сос, и за оној прв залак што веднаш нè пренесува во мала јапонска уличка. Овој рамен со ракчиња е токму тоа – балансирано и ароматично јадење, совршено за секој што сака да внесе малку јапонска магија во својата кујна – порачува Бобе.

Состојки (за 2 порции):
– 200 грама рамен нудли
– 200 грама ракчиња (излупени и исчистени)
– 1 зелена пиперка
– 2 јајца
– 1 лист нори алга или мала количина сушена вакаме
– 1 литар зеленчуков бујон
– 2 лажици соја сос
– 1 лажичка сусамово масло
– 1 чешне лук (ситно сечкан)
– 1 лажичка свежо рендан ѓумбир (по желба)
– сол и црн бибер по вкус
– малку масло за готвење

Подготовка:
Јајцата сварете ги во зовриена вода 6-7 минути за полутврда жолчка. Изладете ги, излупете ги, потопете ги во соја сос, па пресечете ги на половина.
Рамен нудлите сварете ги според упатството на пакувањето. Исцедете ги и оставете ги настрана.
Во тенџере загрејте малку масло и кратко пропржете ги лукот, ѓумбирот и пиперката исечена на кругови, додека не ослободат арома. Потоа додајте ги ракчињата, промешајте сè заедно, па додајте го бујонот, соја сосот и сусамовото масло и оставете да зоврие. Гответе 5 минути, сè додека ракчињата не станат розови и сочни. Зачинете со сол и црн бибер по вкус.
Во длабоки чинии ставете нудли, прелијте ги со жешкиот бујон со ракчиња и зеленчук, а одозгора додајте половина јајце.
Декорирајте со алга и послужете.
На здравје!


