Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Домашни пирошки од палачинки – крцкави однадвор, меки однатре
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: домашни пирошки од палачинки.
– Ако сте љубител на вкусни домашни рецепти што ќе ги воодушеват и децата и возрасните, тогаш овие пирошки од палачинки се вистинскиот избор. Полни со сочен фил од кашкавал, шунка и кисели краставички, а похувани до совршена крцкавост, тие се идеални за појадок, закуска или за сервирање на трпезата кога имате гости – порачува Бобе.

Потребни состојки
За палачинки (10-12 парчиња):
– 1 јајце
– 300 мл млеко
– 200 мл газирана вода
– 200 г брашно (по потреба)
– 1 лажица масло
– прстофат сол
За фил:
– 200 г шунка (исечкана или рендана)
– 200 г рендан кашкавал
– 3-4 кисели краставички (ситно сечкани или рендани)
– 2-3 лажици мајонез
За похување:
– брашно
– 2-3 јајца
– презла
– масло за пржење

Начин на подготовка
1. Палачинките:
Во длабок сад изматете го јајцето, па додајте ги течностите, а на крај брашното. Измешајте ги сите состојки, смесата да биде ниту многу течна, ниту многу густа. Испечете тенки палачинки на нелеплива тава. Пред да се пече секоја палачинка, тавата да се премачка со тенок слој масло. Палачинките треба да бидат еластични и тенки за полесно виткање.
2. Подгответе го филот:
Во посебен сад измешајте ги шунката, ренданиот кашкавал и сечканите краставички. Додајте мајонез и соединете сè додека не добиете кремаст фил.
3. Полнење и виткање:
На секоја палачинка ставете 1-2 лажици фил, прво преклопете ги страните, па завиткајте како ролничка.
4. Похување:
Подгответе три длабоки чинии: едната со брашно, другата со разматени јајца, третата со презла. Секоја пирошка се валка најпрво во брашно, потоа во јајце, и на крај во презла. За дополнителна крцкавост, можете да ја повторите постапката со јајце и презла.
5. Пржење:
Загрејте масло во длабока тава. Пржете ги пирошките на средна температура додека не добијат златно-кафеава кора. Извадете ги на кујнска хартија за да се исцеди вишокот масло.
Сервирање:
Послужете ги топли со кисела павлака, кечап или тартар сос. Надвор крцкави, внатре меки како сунѓер – идеален спој на текстура и вкус!
На здравје!


