Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Бајадера деликатес

Фото: Приватна архива

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес – бајадера деликатес.

– Замислете го вашиот прв залак од „Бајадера деликатес“ како патување низ вкусовите – најпрво ќе го почувствувате свиленкастиот вкус на темното чоколадо со кое е прекриена бајадерата, кој ќе се спои со интензивноста на белото и темното чоколадо со првиот загриз. Продолжете со уште еден залак и ќе ги истражите сите нијанси на ова вкусно ремек-дело, каде секој слој е откритие. Особено комбинацијата од мелените лешници и бисквити, што ќе ви донесат текстурно уживање кое завршува со магични вкусови и ароми – ја објаснува Бобе сета убавина и вкус на овој неодолив десерт.

Фото: Приватна архива

Состојки:

– 140 грама путер
– 200 мл вода
– 240 грама шеќер
– 100 грама темно чоколадо
– 100 грама бело чоколадо
– 400 грама мелени лешници/бадеми (може и половина да се сечкани за да има структура)
– 400 грама мелени бисквити
– 200 грама темно чоколадо за прелив

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Бајадерата ја подготвувам во две тенџериња одеднаш, во едното белата смеса, а во другото чоколадната смеса:

Бела смеса: 70 грама путер, 100 мл вода и 120 грам шеќер да зоврие, се тргнува од оган, па се додава 100 грама бело чоколадо со мешање додека да се растопи чоколадото. Потоа се додаваат 200 грам мелени лешници/бадеми и 200 грама мелени бисквити.

Чоколадна смеса: 70 грама путер, 100 мл вода и 120 грама шеќер да зоврие, се намалува температурата, па се додава 100 грама темно чоколадо со мешање додека да се растопи чоколадото. Потоа се додаваат 200 грама мелени лешници/бадеми и 200 грама мелени бисквити.

Кога ќе се подготват двете смеси, во правоаголен калап или тава се става прво чоколадната смеса, па врз неа се става белата смеса и се става во фрижидер да се лади 2 часа. Изладената смеса се прелева со 200 грама темно чоколадо растопено на пареа. Се остава уште половина час да се здрви чоколадото, потоа се сечат форми по желба, а јас ги сечам правоаголни.

„Бајадера деликатес“ е вкусно кулинарско патување низ софистицирани вкусови и ароми.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот