Гастрономско уживање од Дијана Иваноска: Рецепт за посен чискејк со боровинки
Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.
Препорачано
– Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната – ни открива Дијана.
Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно гастрономско уживање – посен чискејк со боровинки.

Потребни состојки
За кората:
- 120 грама бадеми сирови (потопени во вода преку ноќ)
- 45 грама лешници сирови (потопени во вода преку ноќ)
- 2 лажици кокосово масло (растопено)
- 1 лажица какао во прав
- 40 грама урми исчистени од семки
- сосема малку сол
За кремот:
- 300 грама индиски ореви сирови (потопени во вода преку ноќ)
- 1 шолја кокосов крем
- 1/2 шолја јаворов сируп (јас заменив по половина од количината со сируп од урма и агаве)
- 1/3 шолја кокосово масло (растопено)
- сок од еден лимон
- 2 лажички екстракт од ванила
- 1/8 лажиче сол
- 100 грама боровинки
Подготовка:
Бадемите и лешниците се прецедуваат од водата и заедно со другите состојки за кората се мелат во процесор за храна или во блендер.
Се натапкува смесата на дното од калапот за чискејк.
Индиските ореви се процедуваат од водата и заедно со состојките за кремот се блендираат додека добиете кремаста смеса.
Кремот се сипува врз кората и се удира нежно калапот од работната маса да се израмни смесата и да излезат на површина меурчињата со воздух, доколку ги има.
Чискејкот се лади во фрижидер неколку часови или преку ноќ. Од оваа количина излегоа 6 мали чискејка и еден во округло тавче 18 см.
Уживајте!


