Африм Гаши и кинеската амбасадорка Џианг Сиаоан

Гаши го гаси „тајванскиот оган“ што го потпали Милошоски: Спикерот се сретна со кинеската амбасадорка

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска во законодавниот дом ја прими кинеската амбасадорка во Македонија, Џианг Сиаојан, само ден откако Кинеската амбасада жестоко реагираше на средбата со претставници на Тајван што ја одржа заменикот на Гаши, потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски.

Во соопштението не се споменува ситуацијата со средбата и острата реакција од Амбасадата, но од наведеното се насетува дека се Гаши и Сиаојан зборувале за тоа.

Од кабинетот на Гаши соопштија дека тој се сретнал со новата амбасадорка на Кина, а на средбата нагласил дека релациите меѓу двете земји се „одлични, со голема почит кон традицијата, историјата, независноста и суверенитетот“ и, наспроти сигналите што ги испрати Милошоски, „со поддршка на концептот „Една Кина“.

Откако Милошоски, заедно со пратениците Рашела Мизрахи и Фатмир Битиќи, во средата се сретна со делегација предводена од шефот на канцеларијата на Тајванското претставништво во Рим – Италија, Винсент Цаи, Кинеската амбасада вчера остро реагираше.

„Овој тежок погрешен чин го крши принципот „Една Кина“, политичка обврска што Северна Македонија ја презеде при воспоставувањето дипломатски односи со Кина и став што го потврдија претседателката Сиљановска-Давкова и претседателот на Владата на Северна Македонија Мицкоски, со што ја поткопува политичката основа на нашите билатерални односи. Исто така, испраќа погрешен сигнал до сепаратистичките сили кои се залагаат за „независност на Тајван“. Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија го изразува своето силно незадоволство и категорично противење“, порачаа од Амбасадата.

Милошоски прими тајванска делегација во Собранието, Кинеската амбасада остро реагира

Во денешното соопштение по средбата со кинеската амбасадорка, Гаши ги реафирмира принципите според кои се уредени дипломатските односи меѓу Македонија и Кина.

– Двете земји имаат долга историја на соработка, уште од нашата независност, три децении почит и соодветна комуникација. Кина како втора светска економска сила, е најголемиот трговски партнер на нашата земја надвор од Европа. Во Собранието традиционално се формира Пратеничка група за соработка со Кина, која претставува линк меѓу парламентите на двете држави – рекол Гаши на средбата.

Односите на Македонија и Кина беа сериозно нарушени во 1999 година, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски, во која беше и Демократска алтернатива на Васил Тупурковски, донесе контроверзна одлука да ја признае независноста на Тајван, кој Кина го смета за своја територија.

Пекинг, како одговор, ги прекина дипломатските односи со земјава, а одлуката имаше далекусежни последици за Македонија. Кинезите нешто подоцна во Советот за безбедност на Обединетите Нации ставија вето на продолжувањето на мисијата на ООН УНПРЕДЕП во Македонија, поради што кризата на Косово и бранот бегалци што следеше, како и НАТО-бомбардирањето на тогашна СР Југославија, ги дочекавме без распоредени мировници на Обединетите Нации, кои беа значајна безбедносна гаранција.

Милошоски прими тајванска делегација во Собранието, Кинеската амбасада остро реагира

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот