„Гамалеја”: Пандемијата ќе заврши кога 75 отсто од луѓето ќе имаат антитела

Пандемија на ковид-19 / Фото: EPA-EFE/PHILIP DAVALI DENMARK OUT

Пандемијата на Ковид-19 ќе заврши кога 70 до 75 отсто од населението ќе имаат доволно антитела, па затоа темпото на вакцинација мора да се забрза три до четири пати, изјави денеска директорот на рускиот центар „Гамалеја”, Александар Гинтсбург.

– Епидемиолошкиот процес ќе заврши кога ќе се вакцинираат 70 до 75 проценти од населението. И не само вакцинирани, туку кога ќе имаат доволно антитела. За да се постигнат такви параметри, темпото на имунизација мора да се забрза три до четири пати. Целта може да се постигне за четири до пет месеци, истакна Гинтсбург за телевизијата „Русија-24″.

Според најновите статистички податоци, околу 257,6 милиони луѓе официјално заболеле од коронавирус во светот, а повеќе од 5,1 милиони луѓе починале.

Досега, во Русија се потврдени 9,366 милиони инфицирани случаи, а 8,05 милиони лица се оздравени. Како последица од коронавирусот во оваа земја починале 265.336 пациенти.

Извор: МИА

Видео на денот