ГАЛЕРИЈА | Ученици изработија маски и станаа „прилепски мечкари“ пред карневалот „Прочка“
Со изложбата на рачно изработени маски од учениците од основните и средните училишта во Прилеп, вчера започнаа со активностите за карневалот „Прочка“.
Препорачано
Изложбата беше поставена во ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“.
„Над 300 традиционални и модерни маски беа дел од оваа прекрасна изложба, со која ја одбележуваме 25-годишнината од карневалот ‘Прочка’ и 100 години од постоењето на уникатната традиционална маска ‘Прилепски мечкари’“, информираше преку социјалните мрежи прилепскиот градоначалник Тони Проданоски.



Според градоначалникот, традицијата продолжува да живее и да се надградува, а најубав доказ за тоа се најмалите, маскирани како „прилепски мечкари“.
„Тие со својата радост и енергија ја збогатија изложбата, а веќе од утре ќе бидат дел и од карневалските случувања во нашиот град“, соопшти Проданоски.



Денеска во 12 часот започна Детскиот карневал, а утре, 22 февруари – Прочка, во 13 часот целиот град ќе биде под маски.
Оваа година на карневалот „Прочка 2026“, пријавени се над 500 групни и поединечни маски, а карневалот има и меѓународен карактер, ќе учествуваат карневалски групи од земјава и од странство, а програмата ќе ја збогатат жонглери, кловнови, акробати и куклари.


