ГАЛЕРИЈА | Македонските модни дизајнери претставија уникатни колекции на „EXPO.30“

Фото: EXPO.30

Вo Музејот на современа уметност во петокот се одржа вториот и последен ден од настанот „EXPO.30“, а овој пат беа претставени новите модни колекции на уште пет македонски дизајнери.

Ревискиот дел започна со претставување на заедничка ревија на студентите по моден дизајн од трите факултети којашто внесе свежина на целиот настан.

Она што го видовме од студентите од Институт за дизајн и облека на ТМФ при УКИМ, Анастасија Петрески и Кристијан Арсовски беше футуризам во допир со готика на моделите. Данијела Савиќ од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет во својата колекција претстави неколку модели, а тематиката беше патешествие низ македонската култура и традиција каде што е отсликана слоевитоста и тежината на македонската традиционална женска носија од Порече.  Фуркан Арифи од Универзитетот „Мајка Тереза“ стои зад новиот бренд „КАН“. Неговата прва колекција „Sin is IN“ настанала помеѓу Мексико и Токио, а целта на истата е да даде уште една перспектива и моден вкус за македонската улична облека за млади. Целта на брендовите не е само да се претстави одреден стил, туку да ги натераат луѓето да се пронајдат во дизајнерите и во брендовите.

Фото: EXPO

Модната дизајнерка Лидија Георгиева ја претстави колекцијата Пејсаж бр. 22, работена според принципот слоу фешн и произлезена од потребата да се истражи влијанието на современата технологија во корелација со недостатокот од потребната доза на природа во нашето секојдневие. Дигиталниот свет е место во кое што поминуваме сè повеќе време, па дури и кога се наоѓаме во природа. Па така, пејсажите кои ги гледаме во текот на денот, се сè повеќе дигитални отколку реални. Во оваа реална/нереална игра, пејсажите се измислени, сонувани, шумски, со звуци, мириси, растенија, животни и главни ликови кои можеби постојат, а можеби и не. Тука се преку отпечатоците карактеристични за стилот на брендот, везените флорални мотиви, рачно плетените дизајни, архивски корали и разни други камчиња.

Фото: EXPO

Дизајнерката Силвија Михајловска под брендот „Алшар“ се претстави со модели базирани и инспирирани од нејзините цртежи и креации поврзани со долгогодишното искуство и работа во модата. Колекцијата се вика Re:Essence (како асоцијација на Reminiscence) што всушност претставува потсетување и навраќање кон идеи и референци користени во нејзините претходни колекции, сето тоа вклопено во една нова целина. Дел од креациите се изработени од ткаенини во интензивни бои како црвена, окер, розева, циклама со многу колор блок моменти, а дел се црни, сребрени и креации од секогаш актуелниот џинс. Инспирирана од графити артистите и современите уметници.

Фото: EXPO

Колекцијата „Origin“ на дизајнерот Митко Занов е спој од старото, новото и непознатото, создадена од моментите на среќа, тага и љубов и инспирирана од убавината. Самиот збор “origin” значи потекло, извор, почеток, корен или појдовна точка. Токму затоа во оваа колекција метафорично се претставува една мала ретроспектива на работата на брендот „Занов“. Колекцијата го прикажува заштитниот печат, карактеристичните бои, материјали, форми, кроеви и текстури, односно ДНК-та на брендот.

Фото: EXPO

„Lucid dreams in torn realities“ на Јована Филиповиќ во соработка со Ајбуке Баркчин која се јавува како кодизајнер/соработник на колекцијата, претставува олицетворение на едно пријателство и ја потенцира важноста на сонувањето и младешката фантазија, а тоа е и почетната инспиративна точка на самата колекција. Втората инспирација за „Lucid dreams in torn realities“ е спој од книгата на Луис Керол, „Алиса во земјата на чудата“ и јапонското аниме „Паприка“, базирано на новелата на Јасутака Цутсуи. Секој изглед од колекцијата по себе носи некоја приказна. Црвените рози кои се јавуваат како принт на кошулите црпат инспирација од средбата на Алиса со кралските градинари кои ги бојат белите рози во црвени и истовремено се референца на еден вид ескапизам и создавање на своја нова реалност, спротивставувајќи и се на природата. Плисираното свилено здолниште во интензивна сина боја, носи рефренца од познатата сина боја на Волт Дизни, која буди сеќавање на младост, наивност и бајковитост.

Фото: EXPO

Втората вечер на „EXPO.30“ ја заокружи модната ревија на „Кокев“ со колекцијата за есен/зима 2021/22 и претстави модели со софистициран дизајн, елеганција и екстравагантност кои се совршено изработени од високо квалитетни ткаенини. Дизајнот ја открива сензуалноста, романтичноста, женственоста и самоувереноста кај жената.  Кокев како конечно целосно да се откри, покажувајќи ја целосната вистина за својот стил. Како да сме внатре во нејзината визија за тоа како треба да изгледа еден свет. Во него со леснотија се открива се што се градело како Кокев низ годините, но со еден пресврт на бренд кој веќе ја достигнува својата зрелост.

Фото: EXPO

Диџеите Чваре, Соул Кејс, Узун Баба, Џон Антонио, Чедо и Соња Исмаил беа музичка подлога на модните ревии, а потоа со свои ди-џеј сетови ги забавуваа гостите.

Настанот е организиран по повод одбележување на 30 години независност на државата и е поддржан од страна на Владата на РС Македонија.

И во двата дена на EXPO.30 беа спроведувани сите актуелно важечки протоколи за организација на настани донесени од Министерството за здравство.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот