ФОТО+ВИДЕО | Забрането капење и ова лето на плажата Навагио: Што мора да знаете ако планирате да го посетите рајскиот залив на Закинтос

Фото: Pixabay

Посетителите на грчкиот остров Закинтос и ова лето нема да можат да пливаат на познатата плажа Навагио, но ќе можат да ѝ се восхитуваат и да ја фотографираат од брод на оддалеченост од 50 метри.

Според новите правила, кои официјално стапија на сила на 14 јуни и беа издадени од пристаништето на Закинтос, пливањето во заливот сега е строго забрането, додека престојувањето во бродот е дозволено до 20 минути. Работното време на плажата е од 8 до 15:30 часот, додека истовремено е дозволен пристап на вкупно 15 моторизирани и немоторизирани пловечки објекти (приватни чамци/рекреативни чамци, чамци за изнајмување).


Оваа плажа, позната како „Бродолом“ е најпозната на Закинтос, а името го добила по потонатиот брод кој наводно се користел за шверц на цигари, кој се насукал на брегот во 1983 година. Оваа руина е дел од живописниот пејзаж со високи бели карпи и тиркизно море. Инаку, за безбедност на туристите, оваа плажа се проверува двапати годишно, а сега веќе е јасно дека оваа сезона нема да биде отворена за капење.

Како ќе се следат строгите мерки?

Новите поостри мерки за пристап до плажата, како и почитувањето на временски ограничениот престој, ќе бараат значително зголемен надзор на управата на пристаништа на Закинтос, со оглед на тоа што светски познатата плажа, според капетанот на островот, Минас Донос, достигна присуство на до 100 бродови во заливот истовремено.

– Оддалеченоста од 50 метри од плажата е исправна граница за заштита на посетителите од какви било одрони. Веќе се поставени пловечки бариери на секои 15 метри. Мислам дека нема да има девијантно однесување од локалното население кое работи со туристи, ниту од оние кои приватно ја посетуваат плажата – изјави Донос во интервју за „Катимерини“.

За да биде ефикасен овој надзор, патролите на пристаништето ќе се удвојат: покрај централната пристанишна управа во Чора, ќе се вршат и од пристанишната станица во Волимес, кое исто така е доста блиску до позната плажа. Оваа станица беше укината во 2014 година и претворена во полициска станица.

 

Опасен е и пристапот од патот

Очекувано, локалната заедница реагираше на затворањето на плажата. Дионисис Потамитис, еден од најстарите сопственици на бродови кој плови по водите во близина на плажата Навагио веќе 40 години, вели дека бизнисот е преполовен.

– Имаме затворена плажа, а туристите доаѓаат на Закинтос само поради тоа. Одиме 50 метри, тие се сликаат и заминуваат. Не седиме ни 10 минути, што да правиме со 20 ако не се симнеме на плажата? И тоа не влијае само на нас 1.000 луѓе кои работиме на плажата. Многу откажувања имаат и сопствениците на собите на северната страна на островот – рекол тој.

Потамитис продолжува да зборува за селективната чувствителност на државата во однос на безбедноста на туристите, со оглед на тоа што пристапот до плажата од патот е сè уште можен и додека се чека реконструкцијата на оградата.

– Стотици туристи ќе стојат на едно место без соодветна ограда и тоа не е опасно? – прашува тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот