ФОТО+ВИДЕО | Трамп и Путин се сретнаа во Вевчани
Има само едно место каде што ќе видите како заедно танцуваат ангелите и ѓаволите, паганите и христијаните, муслиманите, пандите, војниците, политичарите, вампирите, принцезите… тоа место се вика Вевчани.
Препорачано
Во рамките на вековната традиција наречена Вевчански карневал секојпат ќе сретнете сè и сешто, нешто што ни на крај на памет нема да ви дојде, а ќе го видите низ вевчанските сокаци.
Така беше и годинава – се сретнавме со Трамп и Путин, додека од спротивната страна на улицата викинзите влечеа чамец со девојка. Колку и да звучи чудно оваа реченица, на 13 јануари не можеш да се изначудиш во Вевчани.

Меѓу традиционалните маски како Глупавиот Август, невестата и младоженецот и попот, се и паганите.
„Ние оваа година решивме да се маскираме во пагани бидејќи многу го нагласуваат тоа дека карневалот бил пагански, па еве и тоа можеме да бидеме“, сатирично вели еден василичар пред камерата на „Слободен печат“.

Секоја година преку карневалот се прикажуваат и актуелни политички случувања. Меѓу присутните беа и Трамп, кој одеше рака под рака со Мистер Бин, а Путин се обидуваше да воспостави ред во свој стил.

Од домашната политичка сцена, пак, се изнасмеавме со веселиот Максим Димитриевски.

Меѓу присутните гости беше и премиерот Христијан Мицкоски, кој лично им го честиташе празникот на сите.
Сте чуле ли за тоа дека постои вевчанска панда? Ете, и тоа да видиш…
„Ние сме група вевчански панди, редок вид во изумирање. За среќа, годинава ни се родија малечки“, вели еден василичар преправен во женка панда.

Во тоа е убавината – во хуморот, добрината и гостопримството што вевчанци ќе ви го понудат кога и да им појдете на гости. Постојат археолошки наоди кои укажуваат на тоа дека овој обичај е стар повеќе од 2.000 години, иако пишаните извори посочуваат дека датира од раниот VII век, што го прави раритет. Токму затоа секоја година меѓу гостите ќе сретнете и странци.

Вевчанскиот карневал е историско, културолошко и етнолошко македонско богатство, со кое на еден комичен начин се брка злото, се испраќа старата и со широко отворени раце се пречекува новата година.
















