ФОТО+ВИДЕО | Пристигна божиќната магија во Њујорк: Блесна најубавата празнична елка во светот
Голем број жители на Њујорк и туристи од целиот свет во средата вчера му пркосеа на студот и огромните гужви за да го проследат традиционалното палење на елката на центарот „Рокфелер“, еден од највпечатливите симболи на празничната сезона. Импозантната смрека, висока 23 метри, донесена од приватен двор во округот Ренселер, Њујорк, блесна во околу 22 часот, украсена со 50.000 шарени светилки, претворајќи го Мидтаун во вистинска зимска магија, објави „Њујорк пост“.
Препорачано
„Откако го гледав ‘Сам дома 2’, сонував да ја видам елката во живо“, изјави Шерон Харви, која од Велика Британија отпатувала во Њујорк како подарок за нејзиниот 60. роденден од сестра ѝ Хана. Двете чекале во ред од 15.30 часот само за да го фатат најдобриот момент од свеченоста.
Патриша Прокобио од Ричмонд, Вирџинија, стигнала уште во 14 часот со најдобрата пријателка.
„Ова ми беше животен сон. Сто години од традицијата на палењето, мораше да бидам тука“, рече таа.

На сцената настапија бројни музички ѕвезди, меѓу кои Риба Мекентајр, Кристин Ченовет, како и легендарната ар-ен-би група „Њу Едишн“, а настап имаше и Лауфи и Марк Ентони, кои ја подигнаа празничната атмосфера.
Од Колумбија пристигна и Кејти Демарко со семејството: „Ова е вистинскиот дух на Божиќ во Њујорк.“
Елката беше поставена на 8 ноември, а ја донираа Џуди Рус и нејзиниот седумгодишен син Лијам, во чест на нејзиниот сопруг Дeн, кој починал во 2020 година на 32-годишна возраст. Дрвото стоело во нивниот двор 75 години, а Дeн отсекогаш сонувал токму таа смрека да стане новогодишното дрво на центарот „Рокфелер“.


