ФОТО+ВИДЕО | По третпат пред олтар: Поранешниот фудбалер Роналдо се ожени за 14 години помлада манекенка

Бразилската фудбалска ѕвезда Роналдо по третпат стапи во брак. Тој се ожени со својата партнерка, 14 години помладата манекенка Селина Локс.
Младенците, кои се верија во јануари оваа година додека беа на одмор на Карибите, направија интимна церемонија во црква на Ибица. Свадбата се одржа во мало село на југозапад од островот, во близина на местото каде што Роналдо има куќа.
Младата Селина, која почна да излегува со поранешниот напаѓач на Реал Мадрид и Интер пред 7 години, на социјалните мрежи објави видео и фотографија од нивниот среќен ден.
„Денес ги собравме нашите семејства на интимна верска прослава и на тој начин го означивме почетокот на неделата во која нѐ очекуваат многу прослави“, напиша таа покрај објавата.
Меѓу гостите на прославата беше и Хулио Баптиста, поранешниот соиграч на Роналдо од Реал Мадрид. Покрај бројните честитки, на среќната двојка им честиташе и Милен Домингес, поранешната сопруга на Роналдо.

“Среќна сум за вас. Господ да ве благослови и секогаш да ве чува. Љубовта да живее долго”, рекла неговата поранешна сопруга.
Инаку на Роналдо ова му е трет брак. Во февруари 2005 година, тој организираше венчавка со манекенката Даниела Цикарели во замок во Франција, иако подоцна се покажа дека тие официјално не станале маж и жена, бидејќи ниту еден од нив не го финализирал разводот од претходните партнери.
Тие се разделија три месеци по церемонијата во замокот, која ја нарекоа како официјална свадба, а Даниела подоцна тврдеше дека врската завршила затоа што Роналдо ѝ бил неверен.
По завршувањето на нивната врска, тој се ожени со студентката по инженерство Марија Беатрис Антони.
Роналдо со првата сопруга Милен го има синот Роналдо (23), а со втората сопруга Марија ги има ќерките Марија Софија (14) и Марија Алиса (12).