ФОТО+ВИДЕО | По олимпиското злато, пирсингот на Алиса Лиу станa опасен тренд што сите го копираат
Откако американската натпреварувачка во уметничко лизгање, Алиса Лиу (20) го освои златниот медал на Зимските олимписки игри во Милано, стоматолозите предупредија за здравствените ризици поврзани со виралниот тренд што таа ненамерно го започна. Лиу привлече внимание и со својот пирсинг „смајли“, кој многумина почнаа да го копираат.
Препорачано

Лиу освои златен медал во поединечна конкуренција на 19 февруари, откако претходно славеше и во тимското натпреварување. Таа стана првата Американка што освои поединечен олимписки златен медал во уметничко лизгање по 24 години, како и првата освојувачка на медал за Соединетите Американски Држави во оваа дисциплина од 2006 година. За Лиу ова беше и враќање во спортот откако на 16 години објави прекинување на кариерата по Олимписките игри во Пекинг во 2022 година.
Додека медиумите известуваа за нејзиниот медал, на социјалните мрежи се проширија видеа на кои се гледа сребрен накит над нејзините заби. Станува збор за таканаречен „смајли“ пирсинг, кој се поставува во тенката кожа што ја спојува горната усна со непцата и е видлив само кога личноста широко се насмевнува.

Интересот дополнително се зголеми кога Лиу во јануари за „Ен-би-си“ изјави дека самата го направила пирсингот, со помош на нејзината сестра.
„Го направив тоа пред повеќе од две години. Сестра ми ми ја држеше усната, а јас само ја зедов иглата и ја провлеков“, рекла таа.
Стоматолозите сега предупредуваат дека ваквите зафати не треба да се прават дома. Американското стоматолошко здружение (АДА) истакнува дека оралниот пирсинг носи голем број ризици бидејќи во устата се наоѓаат многу бактерии.
„Во устата се наоѓаат милиони бактерии, поради што инфекциите и отоците се чести. Отекувањето на јазикот или усните може да биде толку силно што го отежнува дишењето, а постои и ризик од задушување ако дел од накитот се откине“, се наведува во упатствата на организацијата „Здравје на устата“ (MouthHealthy), која дејствува во соработка со АДА.

Стоматолозите исто така предупредуваат за можноста за оштетување на забите при гризење на накитот и трајно оштетување на непцата поради постојано триење. Можни се и компликации како што се крвавење, создавање лузни, враснување на накитот кој мора хируршки да се отстрани, како и дренажа на раната.
„Најдобро е да размислите за отстранување на накитот пред да настане проблем. Оралниот пирсинг бара постојана грижа и одржување. За совет обратете се кај вашиот стоматолог“, порачуваат од организацијата.


